Пуштено во употреба тениско игралиште во Вевчани

Општина Вевчани денеска доби ново тениско игралиште, кое е дел од владиниот проект за изградба на 100 тениски терени во државата.

Вредноста на инвестицијуата е пет милиони денари, а игралиштето ги има сите карактеристики потребни за одржување меѓународни тениски натпревари - осветлување, пристапни патеки, жичана ограда, целосна инфраструктурна приклученост и најсовремена подлога по сите стандарди на Светската тениска асоцијација.

На свеченоста присуствуваа премиерот Никола Груевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт Диме Спасов и градоначалникот на општина Вевчани Перо Илиески.

- Владата во континуитет и без запирање продолжува со реализација на проектите кои се дел од основните приоритети на нашето работење. Инвестирајќи во спортот инвестираме во нашата заедничка иднина, во развојот на нашите деца и во успехот на сите следни генерации, рече Груевски.

Во општина Вевчани, додаде, предвидена е изградба и на спортска сала во рамки на проектот за изградба на 145 училишни спортски сали, како и довршување на обиколницата.

- Ние како Влада продолжуваме со промоција на Вевчани како атрактивна културна и туристичка дестинација и еден од туристичките бисери на нашата земја, додаде Груевски.

Според Спасов, со тениското игралиште, младите во општина Вевчани добиваат место за спортување и запознавање со тенисот, а ќе можат да спортуваат и да се рекреираат и туристите кои доаѓаат тука.

- Промовирајќи ги вредностите на тенисот како еден од најактуелните спортови во светот, ние ги промовираме вредностите кон кои сакаме младите да се движат, рече Спасов.

Ставањето во функција на тениското игралиште и за градоначалникот Илиески претставува одлична можност за развој на спортот.

- Изградбата на новото тениско игралиште значително ќе ги подобри условите за спорт и рекреација во општина Вевчани, а со тоа и условите за подобро здравје на граѓаните, рече Илиески, додавајќи дека и понатаму ќе се залага за реализација на проектите кои ќе значат поздрав живот на граѓаните на Вевчани.

Премиерот Груевски по разговорот со градоначалникот Илиески, најави дека ќе продолжи изградбата на училиштето коe во моментов е во застој и додаде оти ќе се заложи за решавање на проблемот.

Во рамки на посетата на општина Вевчани, претседателот на Владата ги посети и Вевчанските извори.

 

Категорија: