Ставрески: Македонија ќе има голема корист од вклучувањето во регионалниот проект „Европа ре“

Вклучувањето на Република Македонија во регионалниот проект на Светската банка за формирање специјализирана компанија за реосигурување на ризиците од катастрофи „Европа Ре“, очекуваме да биде од полза пред се на граѓаните – сопственици на куќи и станови, земјоделците, малите и средни претпријатија, кои за пристапни цени ќе обезбедат сигурен надомест на евентуалните загуби предизвикани од природни катастрофи, истакна денеска во Охрид вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Во обраќањето пред учесниците на првата Регионална конференција на која беше промовиран концептот на „Европа Ре“ за развојот  на пазарите на осигурување од невреме и катастрофални ризици во Југоисточна Европа, Ставрески истакна дека корист од проектот ќе имаат и финансискиот сектор и осигурителните друштва, поради зголемениот број клиенти, како и банките поради осигурувањето на имотот земен како хипотека.

- Секако, бенифити од реализацијата на проектот ќе почувствуваат и владите на земјите-учеснички. Како што ќе се развива пазарот на осигурување од ризици од катастрофи, така ќе се намалува притисокот врз владите за исплата на штети од природни непогоди, рече Ставрески.

Тој појасни дека Република Македонија ќе учествува во проектот со пет милиони евра, средства обезбедни преку Светската банка, притоа изразувајќи уверување дека прифаќањето на регионалниот проект за осигурување од ризик од катастрофи претставува добар, економски оправдан чекор, чиј успех секако е условен од активностите што во таа насока ќе ги преземат самите земји-учеснички.

- Владата го препозна регионалниот проект како исклучителна можност за забрзување на развојот на домашниот осигурителен пазар и за олеснување на пристапот до осигурувањето од ризици од природни катастрофи. Свесни сме за нашата одговорност пред граѓаните да го оправдаме вложувањето на средства во новата компанија. Секако, пред нас е предизвикот да покажеме дека добрите проекти, слично како и природните катастрофи, не познаваат граници, рече Ставрески.

За покривање на штети од временските непогоди, од буџетот на Република Македонија годишно се издвојуваат околу два милиони евра. Македонија заедно со Албанија се првите земји од регионот кои го прифатија проектот „Европа Ре“  и почнаа постапки за приклучување кон него.