Ивановски: Професионално услужени граѓани е целта на реформите во администрацијата

Комитетот за реформи во јавната администрација денеска одржа состанок на кој ги разгледа активностите на Владата, Акцискиот план и Стратегијата за реформа на јавната администрација.

Целта е, како што изјави ресорниот министер Иво Ивановски по седницата, граѓаните да бидат професионални  ефикасно услужени од администрацијата.

Комитетот донесе и препорака да се предложи систем кој го определува оценувањето на јавната администрација што ќе биде разгледан на владина седница.

- Прва точка беше повторно разгледување на Акцискиот план и финансискиот извештај за наредните четири години што беше дел од Стратегијата за реформа на јавната администрација.  Како втора точка се разгледува новиот модел на оценување на администрацијата што се предлага да се воведе наредната година во државната и во јавната администрација. Тоа е модел на компетенции, модел на 360 степени оценување каде што раководителите посебно ќе бидат оценувани и по хоризонтала и по вертикала, рече Ивановски.

Се разгледува, додаде, и проектот за размена на документи по службена должност.

- Од април годинава е во сила Законот за општоуправна постапка каде што институциите кои бараат, односно нудат услуги за граѓаните не смеат да бараат повеќе дополнителни документи од институции, државни институции кои ги имаат информациите. Доколку таа институција не е електронски поврзана, должна е по курир, по пошта или по кој било друг начин да ги добие, по службена должност, и во рок од три дена да ја изврши услугата за граѓаните, истакна министерот.

Според него, ова се само неколку од поголемите крупни реформи во администрацијата.

- Комитетот задолжен за реформа во администрацијата постојано го следи напредокот на институциите за да се добие подобра слика за функционирањето на администрациите во Република Македонија и како крајна цел да видиме граѓани кои ќе бидат навистина професионално, ефикасно услужени, потенцира Ивановски.

Категорија: