Прва седница на владиниот Економски совет

Во Владата на Република Македонија денеска се одржува првиот состанок на Економскиот совет со кој претседава премиерот Никола Груевски.

Економскиот совет е новоформирано тело во рамки на Владата во кое постојано ќе членуваат нејзиниот претседател кој воедно ќе биде и негов претседавач, министрите од економските ресори, гувернерот на Народната банка, како и претставници на други државни институции со одредени надлежности во сферата на економските прашања.

- Нашиот зголемен фокус на економијата, меѓу другото, се рефлектира и со создавањето на Економскиот совет во кој членуваат постојани членови. Тоа се главно луѓе од државните институции, како и непостојани членови, кои ќе бидат повикувани зависно од потребата. Може да бидат од Универзитетот, од бизнисот или од некоја друга институција од каде што нема постојан член, оценува премиерот Груевски.

Според него, ова е нов момент, нов фокус на економијата. - Ние и досега имавме фокус, но сега сакаме да имаме зголемен фокус за да може да се потроши повеќе време на она што е најзначајно или еден од приоритетите за да се придвижат работите во тој дел, нагласува Груевски.

Предвидено е состаноците на Економскиот совет кој во некои земји се нарекува „економска влада“, да се одржуваат секој понеделник. Поместувања се можни само во случај на други итни активности.

На состаноците детално ќе се дискутираат темите што произлегуваат од економскиот дел на владината Програмата за работа 2011-2015 година, како и други тековни економски движења кои имаат соодветен ефект врз генералните трендови во македонската економија.

Дебатите би резултирале со дефинирање соодветни заклучоци и насоки кои потоа би биле предмет на формално произнесување од страна на Владата на Република Македонија на редовна седница.

Повремено, на средбите, зависно од потребите, ќе бидат поканети и претставници од стопанските комори, универзитетите и други асоцијации од сферата на економијата и економските прашања.
- Еднаш неделно ќе имаме состанок по неколку часа во кои ќе се фокусираме на економијата. Ние и на седница на Влада ќе го правиме тоа, меѓутоа на седница на Влада некогаш се зборува и за многу работи што не се поврзани со економијата. Затоа го формираме ова тело на кое секоја недела главните функционери поврзани со економијата и во присуството на други луѓе од бизнисот, од универзитетите и други институции, ќе дискутираме за поодделни прашања од економијата и нејзино подобрување, решавање проблеми со цел да се зголеми квалитетот на живот и да се отворат нови работни места, потенцира претседателот на Владата Никола Груевски.

Категорија: