Нов модел за оценување на работата на државната администрација



Ќе се менува моделот за оценување на работата на вработените во државната администрација, најави денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Работна група на Министерството за информатичко општество и администрација разгледува повеќе модели што се применуваат во Европската унија, меѓу кои и т.н модел на 360 степени оценување. Тоа значи дека покрај од претпоставениот вработените оценка ќе добијат и по хоризонтална и вертикална линија од своите колеги.

- Раководител на сектор ќе биде оценуван покрај од државен секретар и од другите раководители на сектори, но и од тие кои се под него. Целта е да се стимулираат вработените да бидат поколегијални меѓусебе и поефикасни, изјави Ивановски при денешната посета на Канцеларијата на Управата за јавни приходи во Градскиот трговски центар.

Работата на таа Канцеларија е оценувана со истражување од 20 јуни до 22 јули, во кое 89 проценти од анкетираните 2005 граѓани рекле дека се задоволни од нејзиното работење.

Според резултатите од извештајот на државните службеници за 2010 година, потсети Ивановски, 69 проценти од вработените во државната администрација добиле оценка со која се истакнуваат во својата работа, 28 дека задоволуваат, два процентa делумно задоволуваат и еден процент не задоволуваат.

- Гледајќи ги овие оценки Владата го задолжи Министерството за информатичко општетсво да достави нов концеп на модели за оценување на администрацијата од самото раководство, појасни Ивановски.

Според него, со системот што моментно се применува доколку вработениот два циклус последователно добие оценка дека се истакнува тогаш автоматски неговата плата треба да се зголеми за пет проценти. Но, истакна, од реалната слика што ја кажуваат граѓаните не се задоволни од работата на администрацијата и затоа сакаме да ја реформираме.

За идниот променет модел за оценување се разгледува и можноста наместо постоечкиот образец за оценување кој е унифициран за сите, да се воведат повеќе, како во други држави затоа што, според Ивановски, секоја институција не може да ги оценува своите вработени со ист образец.

- Воедно за унапредување на моделот за оценување се разгледува можноста да се постават мерливи индикатори на почетокот од секое тримесечие, при што секој вработен ќе знае на што ќе биде оценуван, се разбира според систематизацијата. Но, и покрај тоа потребно е на почетокот на годината раководителите да постават мерливи индикатори со цел неговото оценување да биде објективно, најави министерот Ивановски.

Категорија: