Пуштено во употреба ново фудбалско игралиште во општина Аеродром



Во близина на спортската сала „Јане Сандански“ во општина Аеродром денеска беше пуштено во употреба ново фудбалско игралиште од проектот „Изградба на 50 помошни фудбалски игралишта низ целата држава“ што го спроведува Владата на Република Македонија заедно со Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Игралиштето е со стандардни димензии за домашни и меѓународни натпревари, трибини за 500 гледачи, соблекувални, дренажен систем и систем со рефлектори за натпревари во вечерните часови.

На пуштањето во употреба на спортскиот објект присуствуваше премиерот Никола Груевски кој рече дека Владата во секој сегмент се обидува да го оствари она што го зацртала, планирала и ветила пред граѓаните.

- Ова е огромна инвестиција во спортот и во здравјето на младите луѓе да не се насочат кон пороците, но, исто така, и во помагање на талентите. Имајќи предвид дека фудбалот е од големо значење, во последно време станува бизнис и бесплатна реклама за земјата, ова е можност да им се даде шанса на младите својата енергија да ја насочат во спортот и здравиот живот, рече Груевски.

Премиерот истакна дека за време на парламентарните избори настапиле под слоган во кој длабоко верувале и веруваат денеска, односно слоганот „Заедно можеме повеќе“.

- Вистина се може повеќе кога луѓе од ист тим ќе се распоредат на различни позиции на кои е неопходна добра соработка. Го потенцирам ова бидејќи често во спротивниот политички табор нема желба за соработка, иако тоа е за добро на граѓаните. За жал, кај некои од градоначалниците од спротивниот табор не само што нема желба за соработка, туку има желба за кочење на проектите што е лошо и штетата ја трпат сите граѓани, додаде Груевски, посочувајќи дека преку овие проекти ќе се продуцира нов развој и просперитет за општината Аеродром.

Наидовме на жестоки критики зошто толку инвестираме во спортот, рече Груевски, додавајќи дека тоа беше мотивирано од политички побуди. Поддршката за овие проекти, посочи, ни даде сила да ги реализираме.

Според директорот на АМС Диме Спасов, со овој спортски објект ќе се овозможи голем број млади да ја почнат својата фудбалска кариера во Аеродром, во фудбалските школи кои сега имаат вистински услови да функционираат и да се развиваат.

- Со инвестирање во спортските објекти им ги овозможуваме на граѓаните и сите млади неопходните услови за професионално и рекреативно спортување, рече Спасов.

Потенцираше дека во завршна фаза е и фудбалското игралиште во Реонски центар, а во фаза на градба се четирите игралишта за фудбал од проектот „Куќата на фудбалот“ во Ново Лисиче кои треба да бидат завршени до крајот на годината.

Овој дел од реката Вардар, истакна градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски, од запуштено место сега прераснува во урбан и модерен спортски центар.

- Општината посветено работеше да овозможи услови за изградба не само на овој, туку и на голем број други спортски објекти. Да се надеваме дека токму тука ќе се роди нова фудбалска ѕвезда, додаде Коневски.
Денеска беше пуштено во употреба 31-то фудбалско игралиште, а при крај со изградбата се уште осум кои се очекува да почнат месецов со работа.

Категорија: