Министерството за информатичко општетсво и администрација воведува ИСО 9001 стандард

Министерството за информатичко општество и администрација почна процес за воведување ИСО 9001 стандардот преку кој најавува зголемување на задоволството на корисниците на услугите и на вработените.

- Сертифицирањето е дел од постојаните напори за реформа на јавната администрација и подобрување на нејзината ефикасност и  ефективност. МИОА како главен носител на реформата ги поттикнува и сите државни и јавни институции да воведат такви стандарди, истакна денеска на прес-конференција министерот за информатичка технологија и јавна администрација Иво Ивановски.

Министерството моментно е во напредна фаза за воведување на стандардите. Според планираните активности, таа треба да заврши најдоцна до крајот на септември, кога ќе почнат да ги користат стандардизираните процедури, како подготвителна фаза пред процесот на самата сертификација.

Според Ивановски, предноста од  воведувањето на ИСО стандардот е што ќе се примени принцип на работа со којшто периодично се прави реевалуација на институцијата со цел да го зачува. За да се случи тоа прописите кои ќе бидат  наведени мора да се почитуваат. Со тоа, истакнува министерот Ивановски, веднаш се зголемува квалитетот на самата институција во услугите кои ги нуди кон граѓаните.

Како  очекувани придобивки од воведувањето на стандардот, покрај зголемување на нивото на задоволство на корисниците на услугите и на вработените, се подобрена изведба на услугите со стекнување на деловната доверба кај постоечките или потенцијалните корисници, намалување на жалбите, како и на трошоците на работењето, подобрена комуникација,...

Министерството за информатичко општество  е одговорно и за следење на состојбата на воведување ИСО 9001 во сите државни и јавни институции и за редовно известување на Владата.

- Програмата на Владата предвидува сите државни институции веднаш да почнат процес  за воведување ИСО 9001 стандардот за квалитет. Тоа значи дека  за брзо време поголем дел од  институциите во Македонија ќе се изјаснат дека го воведуваат овој стандард, најави Ивановски.

Од државните институции ИСО 9001 стандардот веќе го имаат воведено Генералниот владин  секретаријат, Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, Секретаријатот за европски прашања и Министерството за образование и наука.

 
ИСО 9000 групата стандарди претставува меѓународен консензус на добри практики за правилно управување со квалитет. Тој се содржи од стандарди и прирачници во врска со системите за управување со квалитет и соодветните стандарди за поддршка. Определбата за сертификација на систем за управување со квалитет согласно ИСО 9001 од страна на акредитирано сертифицирано тело ја покажува посветеноста на секоја организација кон квалитетот, корисниците и клиентите.

Категорија: