Берлускони-Груевски: Македонија заслужува да стане членка на ЕУ

Италија искрено ја поддржува Република Македонија на патот на кон ЕУ и НАТО. Македонија заслужува позитивен извештај и препорака за почеток на преговите со ЕУ и заслужува да стане членка на Европската унија, истакнал италијанскиот премиер Силвио Берлускони на денешната средба со премиерот Никола Груевски во Рим.

Зголемувањето на обемот на трговската соработка и зголемувањето на нивото на странски инвестиции од Италија во Македонија се клучни цели околу кои е постигната заемна согласност и за чија реализација двајцата премиери, покрај владиниот ангажман, ќе го вложат и својот личен авторитет.

Груевски и Берлускони на речиси двочасовната средба и работен ручек се согласиле дека постојат одлични политички односи меѓу двете земји и оти и натаму остануваат посветени на нивно натамошно унапредување.

Разговарале на повеќе теми од областа на политиката, но посебно се осврнале на економските теми и заедничката заложба да работат на интензивирање и унапредување на економските односи, пред се на можноста за инвестиции, зголемување на трговската размена.

- Ги претставив реформите и модернизацијата што ја правиме во земјата, а ја истакнав и нашата стратешка определба за членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ и конкретните процеси околу евроинтеграциите со осврт и на нашата посветеност за надминување на предизвиците кои ни стојат на тој пат, изјави премиерот Груевски по средбата со Берлускони.

Станало збор, како што рече, и за најновите предизвици на светската економска сцена и нивното влијание на економските текови во Европа.

Премиерот Груевски го информирал својот италијански колега и за можностите за водење бизнис во Македонија, при што тој позитивно ги оценил политиките на македонската Влада за даночно ослободување на инвеститорите, како што се ослободувањето на персоналниот данок, од данокот на добивка, а посебно  специјалните поволности во слободните економски зони што Македонија им ги нуди на потенцијалните инвеститори.

Двајцата премиери се договориле и за организирање натамошни бизнис форуми, како и да се направат телевизиски репортажи за состојбите во Македонија во кои ќе бидат прикажани и условите за правење бизнис во земјата за да се доближат поблиску до заинтересираните италијански компании.

- Посетата на Италија за нас е значајна бидејќи Италија е пријателска земја и затоа што лично од Владата на господинот Берлускони секогаш сме наидувале на поддршка, како и промоција на нашите интереси. Од тој аспект можам да оценам дека средбата и ручекот со Берлускони поминаа одлично, во пријатен разговор на многу теми, а и натаму ќе ја имаме поддршката од Италија на сите полиња што се важни за Македонија, истакна премиерот Груевски.

Италија, додаде тој, традиционално го поддржува Балканот, како што ја поддржува и Република Македонија. - Одамна е проценката на Берлускони дека сите земји од Балканот треба да се најдат во ЕУ за на тој начин да се обезбеди и траен мир, трајна сигурност и стабилност на Балканот, рече премиерот Груевски. 

Италија е петти најголем надворешно-трговски партнер на Македонија во последните пет години. Размената на годишно ниво се движи околу 500 милиони американски долари, а само во првите седум месеци од годинава таа изнесува 420.713.000 долари. Италијанските инвестиции во Македонија изнесуваат 55 милиони евра. Италијански компании, како ЕНЕЛ пројавуваат интерес за инвестиции во енергетиката.

Премиерот Груевски за време на посетата на Италија е придружуван од вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и Мартин Протоѓер, шеф на кабинетот на претседателот на Владата.

Ова е трета средба на премиерот Груевски со неговиот италијански колега Берлускони. Првата беше во 2007 година кога Груевски престојуваше во Рим на економската турнеја за привлекување странски инвестиции, организирана од македонската Влада, а втората кон крајот на ноември 2010 на Самитот ЕУ-Африка во Либија.

Категорија: