Владиното роуд шоу во Истанбул - Македонија оаза за инвестирање за турските стопанственици

Турција е земја со која традиционално имаме одлични односи и на политичко и на економско поле. Потенцијал има и не постојат пречки за нивно унапредување, а бизнис секторот е оној кој треба да ја има главната улога.

Ова беше посочено на вечерашната деловна вечера што премиерот Никола Груевски со економскиот владин тим ја имаше во Истанбул со претставници и претседатели на 120 турски компании.

Пред нив ги претстави предностите што ги нуди Македонија како бизнис дестинација и ги повика да дојдат да ја посетат и да инвестираат.

- Ве поканувам да не посетите и лично да се уверите во поволната бизнис клима во нашата земја и искрено се надевам дека Македонија ќе биде вашиот следен избор како дестинација за водење бизнис, им порача премиерот Груевски и додаде дека од Владата ќе добијат поддршка во резлизирањето на нивната бизнис идеја.

Тој истакна дека Владата на Репубика Македонија во континуитет работи на подобрување на бизнис климата и условите за работа за домашните и странските компании и оти во тој дух ќе продолжи и во иднина, со цел забрзан економски раст, развој на приватниот сектор и отворање нови работни места.

Потенцира пред потенцијалните инвеститори на спроведувањето дисциплинирана и одговорна макроекономска политика, реформите во делот на пазарот на трудот, даночната политика и спроведените реформи со што Македонија е земја која има најнизок даночен пакет во Европа, потоа на проектот Регулаторна гилотина, воведениот едношалтерски систем, мерките за управување со градежното земјиште, субвенциите за тур операторите и други реформи кои позитивно би влијаеле во бизнис климата во Македонија. Посочувајќи на предностите што ги нудат слободните економски зони, најави и отворање на нови седум годинава.

- Недвосмислена потврда дека Македонија е одлична дестинација за водење бизнис е извештајот Дуинг бизнис на Светска банка кој веќе неколку години по ред ја става Македонија меѓу првите пет на списокот на реформски ориентирани земји. Сега Македонија се наоѓа на 22-ра позиција пред сите земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа, потенцира Груевски и додаде дека и последниот Извештај на Европската комисија е потврда за правилниот начин на кој Македонија се справува со моменталната економска ситуација во светот.

Врз основа на подобрената бизнис клима и активностите за промоција на Македонија како атрактивна бизнис дестинација, премиерот рече дека Македонија успеа да привлече познати странски компании во Технолошко индустриските зони. Посочи и на тоа дека во последните месеци сме сведоци на нов силен инвестициски бран, особено на крајот на 2010 и почетокот на 2011 по олабавување на светската економска криза.

Претседателот на Асоцијатацијата за надворешни економски односи Рони Јирчали посочи дека бизнис секторот од Турција ги следи реформите што се преземаат од страна на македонската Влада.

- Вечерашната средба и презентациите што ќе ги одржите во наредните четири дена е историска можност за унапредување на економските односи, посочи тој и додаде дека очекува инвестициите од Турција наскоро во Македонија да достигнат до 500 милиони американски долари. Не потојат никакви пречки пред нас за развивање на соработкта и сметам дека бизнис секторот е тој кој ќе ја има главната улога, истакна Јирчали.

Патот што го отворија премиерот на Македонија и Турција, според Хасан Хошбан претседател на Турско-македонскиот деловен совет, треба да го следат бизнисните од двете држави. Македонија, истакна, за нас е мост кон Европа.

Заложбите што ги прави Владата ги поздрави и министерот за за животна срдина и урбанизам Ердоган Бајрактар кој оцени дека Македонија е оаза за инвестирање. Ги унапредивте односите со соседите и со Европа, истакна тој и додаде просперитетот на Балканот е и просперитет на Турција.

Односите меѓу двете земји се уште треба да се унапредуваат. Тој ги повика турските бизнисмени да инвестираат во Македонија и посочи дека има простор во областа на здравството, образованието, енергетиката...

Турските инвестиции и досега се покажа како успешни и како значајни за Македонија. Од 1997 година до 2010 година вкупниот кумулативен прилив на странските директни инвестиции се 47,96 милиони евра што претставаат 1,43 проценти од вкупниот прилив на СДИ и се на 14-то место. Во првите 9 месеци од минатата година приливот на капитал од Турција изнесува 51,08 милиони евра што покажува тренд на раст на инвестициите од оваа земја. Турски капитал во битолската „Пивара“, „Алемакс“ во Струмица, „Силика“ од Гостивар, „Рамстор“, „Зорлу Холдинг“, „Зираат банка“, „Халк банка“, ТАВ во аеродромите... Се очекува изградба на производствен капацитет за алуминиумски профили за автомобилска индустрија и градежништво во износ од 20 милиони евра во ТИРЗ „Скопје“ од страна на „Бордтехник-отомотив“.

Турција е дефинирана како една од целните земји од која е може да се очекуваат инвестиции како во производство на автомобилски компоненти, информатичко-комуникациска технологија, земјоделство и преработка на храна, потоа бизнис-услуги и аутсорсинг, фармацевтска индустрија и медицински помагала, енергетика и обновливи извори на енергија, туризам, градежништво и инфраструктура.

Премиерот Никола Груевски и економскиот тим утре ќе ги претстави инвестициските можности пред бизнис секторот во Кајсери и Коња. Во наредните денови одат за Газиантеп, Измир и Бурса.