Министерот за одбрана Фатмир Бесими ја започна работната посета на САД

Министерот за одбрана, Фатмир Бесими, денеска, ја започна агендата „Чикаго 2012“ и во рамките на својата работна посета на САД, во Организацијата на Обединетите Нации се сретна со помошник генералниот секретар за мировни операции, Едмонд Мулет, заменик-раководител на одделот за мировни операции (ДПКО), како и со заменик-амбасадорот на САД во ООН, Росмари Ди Карло.

За време на средбата која се одржа во ООН се разговараше за значењето на придонесот на Република Македонија во меѓународните мировни мисии, за одржување на меѓународниот мир и безбедност како и за заложбите за евроатлантските интеграции. Министерот Бесими истакна дека членството во НАТО алијансата е исклучително важно да се реализира што побрзо бидејќи тоа претставува бенефит не само за Република Македонија, туку и пошироко за регионот, од аспект на воспоставување на одржлив мир и стабилност како основа за идниот развој на регионот. Во овој контекст, тој истакна дека интеграција на земјите од регионот во НАТО претставува успех и за самата алијанса. Воедно, министерот Бесими побара и поддршка за упатување на покана за членство на Република Македонија во НАТО на самитот во Чикаго оваа година.

Во разговорите, министерот Бесими информираше дека Република Македонија зема учество во мировните мисии од 2002 година сè до денес при што вкупната бројка досега распоредени војници изнесува 2.800, што гледано според големината на АРМ и на земјата претставува респектабилна бројка. Притоа, во моментот Република Македонија има околу 198 претставници во четири меѓународни мировни мисии, односно во ИСАФ (Авганистан), во АЛТЕА (Босна и Херцеговина), во УНИФИЛ (Либан) и во КФОР (Косово). Дополнително министерот Бесими укажа на размислувањата за идни ангажмани на Република Македонија во меѓународните мисии на ООН како и за можноста за испраќање на воено аташе во меѓународната организација.