Министерот Кралев во посета на Крива Паланка

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска ја посети oпштина Крива Паланка. Кралев се  сретна со градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски, кој на кратко ја претстави оваа локална самоуправа, нејзините развојни програми, со акцент за состојбите во средното и во основните воспитно-образовни институции.

Кралев ги посети Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, Ученичкиот дом „Боро Менков“ и основните училишта „Јоаким Крчовски“ - зграда на некогашниот ДТВ „Партизан“ и зградата во центарот на градот и на крајот посетата заврши со посета на основното училиште „Илинден“ и подрачното основно училиште „Илинден“ во селото Конопница.

- Целта на мојата денешна посета е да ја согледам состојбата на терен по спроведувањето на Програмата за степенот на обновата и реконструкцијата на СОУ „Ѓорче Петров“ и основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“, каде Министерството за обраозование и наука учествуваше со инвестиција од 35 милиони денари, истакна Кралев.

Тој додаде дека и во иднина МОН ќе инвестира во воспитно-образовните институции во општина Крива Паланка, а како приоритет ја спомена инвестицијата во општинскиот училишен дом „Боро Менков“ преку Програмата за вложуваање на инвестиции во образованието.

Кралев истакна дека инвестирањето во образованието од минатогодишниот буџет е 5 проценти од БДП што, како што рече, не вбројува меѓу првите земји по вложувањето на инвестиции во образованието.

Градоначалникот Алексовски рече дека во изминатата година има рекордни вложувања во образованието во однос на изминатиот период и додаде оти се вложени околу 690.000 евра.

- Годинава ќе вложиме средства за изградба на спортска сала во ОУ „Јоаким Крчовски“ во центарот на градот, зафат кој го поддржа и министерот Кралев на денешната средба. Во исто време договоривме МОН да додели еден автобус и со претходниот автобус, добиен од ЈСП,  училиштата ќе го решат превозот на нивните ученици кои патуваат, додаде Алексовски.