Со собраните средства од Гала вечерата со принцот Мајкл од Кент ќе се реновира ЈУ „25-ти Мај“ во општина Бутел

Средствата собрани од продажбата на билетите за Гала вечерата која на 31 јануари ќе биде организирана во чест на официјалната посета на Република Македонија од страна на Н.В. Принцот Мајкл од Кент, ќе бидат донирани за реновирање на Јавната установа за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми “25-ти Мај“ во Општина Бутел, информираа министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски и директорот на Британската Бизнис Група во Македонија, Рејмонд Пауер на денешната прес - конференција.

Ристовски посочи дека Британската Бизнис Група во Македонија во последните три години е важен партнер на Министерството за труд и социјална политика, развивајќи посебна програма за корпоративната социјална одговорност.

- Со посебен акцент  на децата без родители и родителска грижа, како и на социјално загрозените семејства и поединци, преку своите проекти и активности Британската бизнис групација успеа низ неколку проекти да собере средства и да ги намени за хуманитарни цели, рече министерот Ристовски, додавајќи дека во последните две години тие успешно реновираа два интернати, поттикнувајќи ја свеста за општествената одговорност во приватниот сектор, што впрочем е и целта на Британскат Бизнис Група во Македонија.  

Нека овој хуман гест, подвлече тој, биде поттик за сите фирми во Македонија да се вклучат во овој проект, затоа што така ќе придонесат за развивањето на свеста, хуманоста и општествената одговорност во земјата, а со тоа сите заедно ќе им помогнеме на оние на кои во моментов тоа им е најпотребно.