Пуштен во употреба проширениот бул. „Св. Климент Охридски“ во центарот на Скопје

Реконструираниот бул. „Св. Климент Охридски“ денеска беше свечено пуштен во употреба. По тримесечни градежни работи, булеварот е проширен со трета коловозна лента во двете насоки, со што значајно ќе се растовари сообраќајниот метеж во центарот на Скопје.

Реконструиран е во должина од 524 метри - од крстосницата со бул. „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ до крстосницата со бул. „Партизански одреди“. Изведувач на оваа делница е ГП „Гранит“, а инвестицијата на Град Скопје е вредна 37 милиони денари.

Трите коловозни ленти се широки по 3,5 метри. Асфалтирани се вкупно 13.423 метри квадратни. На средината има зелен појас од 2.130 квадрати, кој наесен ќе биде облагороден со садници. Од страните се направени нови тротоари широки 1,5 метри и покриени со бекатон плочки. Уредени се и крстосниците, пешачките острови и е направен нов распоред на семафорите. Во текот на градежните работи се усогласени и постојните инсталации и е изградена нова атмосферска канализација.

Проширениот булевар официјално го пуштија во употреба премиерот Никола Груевски, скопскиот градоначалник Коце Трајановски и градоначалникот на Центар Владимир Тодоровиќ.

Премиерот Груевски рече дека и овој е дел од низата инфраструктурни проекти со кои на граѓаните им се честита роденденот на државата, посочувајќи на новиот аеродром „Александар Велики“, новите автобуси за јавен превоз во Скопје и на доградбата на останатите 9 км од автопатот „Александар Македонски“ кон Табановце, што утре ќе биде пуштен во употреба.

- Булеварите и улиците го добиваат изгледот што подолго време беше посакуван и нужно потребен за да одговори на метежот во градот. Бул. „Св. Климент Охридски“ е една од најзначајните сообраќајни артерии која, за жал, постојано го гушеше градот во изминатите децении. Денес е тоа веќе минато. Проширувањето и реконструкцијата му даваат нов изглед на градот, функционалност и побрз проток на возилата, истакна Груевски.

Тој му честиташе на градоначалникот Трајановски зашто успеал да заврши повеќе реконструкции во ист период и зашто го прифатил неговиот совет улиците и булеварите да се обновуваат одеднаш, а не во фази, што би траело неколку години.

Напомнувајќи дека овој инфраструктурен зафат е завршен во планираниот рок, градоначалникот Трајановски им се извини на граѓаните поради отежнатото движење во текот на реконструкцијата. Посочи дека овој е еден од низата капитални проекти во центарот на Скопје со кои значително ќе се намали сообраќајниот метеж.

- Граѓаните на Скопје добија нов булевар со модерен изглед, еколошки подобар, побрзо и посигурно возење, истакна Трајановски.

Идната година ќе се реконструира останатиот дел од бул. „Св. Климент Охридски“ - од Соборниот храм до Владата на РМ.

Категорија: