Груевски очекува нови инвестиции од посетата на Турција и престојот на англиските бизнисмени водени од принцот Мајкл

Премиерот Никола Груевски очекува нови инвестиции во државата од престојната посета на Турција, во рамки на роуд шоуто и деловната делегација од Велика Британија што денеска пристигна во посета на Македонија предводена од принцот Мајкл од Кент. 

- Во Турција ќе бидеме околу шест дена и тоа ќе биде нашето најголемо, односно најдолго претставување пред странски инвеститори, бидејќи ќе посетиме шест града. Станува збор за сложена програма, затоа што секој ден сме во различен град каде што имаме и презентација и поедничени средби со инвеститорите, појасни Груевски, по денешното пуштање во употреба на тениските игралишта во општина Илинден.

Тој информира дека во некои од градовите се закажани и работни вечери со инвеститорите, а во Истанбул ќе имаат работна средба со 60 претседатели на компании, на која е предвидена презентација и поединечен разговор со секој од нив. Во другите градови, предвидени се класични презентации, на кои што ќе учествуваат претставници на 50 до 150 компании зависно од градот, а покрај тоа со многу од нив ќе се остварат и поединечни средби.

- Некои дури инсистираат и да ги посетиме нивните капацитети, но не знам дали ќе имаме доволно време да го направиме тоа помасовно. Можеби по некоја посета ќе има, бидејќи им е важно да покажат дека се сериозни и претставници на Владата барем на кратко да влезат во нивните капацитети за да се увериме во серозноста на тие компании, рече премиерот.

Покрај Турција тој посочи и на посетата на принцот Мајкл од Кент, кој денеска пристигна во Македонија со голема група британски инвеститори заинтересирани за неколку области како рударството, информатиката, индустријата и други, во кои сакаат да најдат начин да инвестираат во Македонија. Ова гостување во Македонија, појасни, доаѓа по неговиот работен престој со нив во Лондон пред околу два и пол месеца на кој ги презентирал можностите за правење бизнис во Македонија заедно со Македонско-англиската стопанска комора и со претставникот на оваа Комора кој е Англичанец.

- Тоа многу ни помогна кога човек кој е од нивната држава ќе ги покаже условите во Македонија. И кога тоа го говориме заеднички и јас и тој, тоа навистина остава многу посилен впечаток. По таа средба тие се охрабрија и решија да дојдат во Македонија на лице место да се уверат за можностите за инвестирање. Ние денеска имаме организирано неколку настани за комуникација со нив, и јас и министрите. Тие ќе останат неколку дена и се надеваме дека ова нема да им биде залудна посета и оти дел од нив ќе најдат интерес да инвестираат во Македонија, а тоа значи ќе отворат нови работни места, рече Груевски.