Премиерот Груевски најави изградба на најмалку 10 нови градинки годинава

Владата планира поголема инвестиција во изградба на нови градинки затоа што долго време не е инвестирано во вакви објекти, а постои потреба за тоа кај граѓаните, најави денеска премиерот Никола Груевски по пуштањето во употреба на две двојни тениски игралишта во општина Илинден.  

Тој информира дека проектот се подготвува заедно со Светска Банка, а Министерството за труд и социјална политика веќе води две паралелни подготовки за тоа.

- Едната подготовка ги лоцира потребите во која општина е потребна градинка или повеќе градинки и втората, паралелно со тоа, изработува два типски проекти на градинки - една помала и една поголема, за да не мора секоја градинка посебно да се проектира, бидејќи на тој начин би се изгубило многу долго време. Со овие два или максимум три типски објекти и со завршувањето на сите подготовки во втората половина на годината ќе започне изградба барем на првите 10 градинки. Ќе видиме точно колкава е потребата, но во план ни е поголема инвестиција во градинки затоа што долго време не е инвестирано вакви објекти, освен со неколку исклучоци, во Аеродром и неколку други, рече премиерот Груевски.