Бесими најави интензивна дипломатска активност пред Самитот на НАТО во Чикаго

Интензивна дипломатска активност и комуникација со колеги и институции во странство за членството на Република Македонија во НАТО, запознавање со реформите што државата ги прави во континуитет и определбата за членство во Алијансата како нејзин стратешки приоритет.

Ова се приоритетите кои денеска на средба со новинарите ги презентираше министерот за одбрана Фатмир Бесими за наредниот период пред Самитот на НАТО во мај годинава, а со цел валоризирање на напорите што го прави Македонија за полноправно членство во Алијансата.

Во рамки на „Агендата Чикаго 2012“, најави посети на сите земји членки на НАТО на кои ќе се разговара за претстојниот Самит на Алијансата. Неговите активности опфаќаат присуство на молитвениот појадок во САД на 2 февруари, посета на седиштето на НАТО во Брисел на 3 февруари, учество на 4 и 5 февруари на Конференцијата за безбедност во Минхен, во рамки на кои ќе има бројни средби со своите колеги од Алијансата. Тој на 6 февруари ќе престојува во работна посета на Белград, каде што ќе разговара за зајакнување на регионалната соработка.

Најави и посета на Мултинационалната мировна бригада за Југоисточна Европа со база во Лариса, Грција, со која во моментов командува Македонија. Генерал од Армијатата на Македонија е во Лариса и командува со таа бригада, информира Бесими и најави негова можна средба во Лариса или во Атина со грчкиот министер за одбрана.

- Ги правиме реформите и интензивната дипломатија во овој период за да ги запознаеме нашите партнери за сите напори што Република Македонија ги прави за членство во НАТО и да ги убедиме со аргументите дека нашата позиција и членството во Алијансата, не е против ниту една членка на НАТО. Напротив со нашето членство ќе добие Македонија, регионот, Грција, ќе добие НАТО. Членството на Македонија во НАТО ќе биде успех и за НАТО не само за Македонија, укажа Бесими.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека со самиот факт дека спорот за името трае колку што е независноста на Република Македонија, јасно е дека тоа не е едноставно и лесно прашање.

Според него, самото членство на регионот во НАТО значи стабилен регион, пазар за поголеми инвестиции и развој. Грција, посочи Басими, голем дел од инвестициите ги има во Македонија, најголем од грчката трговија кон Европа оди преку Македонија и Југоисточна Европа и општ интерес е регионот да се развие.

- Членството во НАТО не значи дека прашањето околу името е завршено. Нам во оваа фаза ни треба Република Македонија да стане членка на НАТО дури и под референцата како што сме во ОН. Тоа веќе еднаш е прифатено од страна на Грција, а прашањето околу името може да трае. Двете страни ги имаат позициите се додека не се најде заедничко прифатливо решение. Заедничко прифатливо решение во однос на НАТО е исто и двете земји и Македонија и Грција да се сложат како што беше во ОН. Нема изричито кажано во НАТО - треба да најдете име и тогаш да влезете, истакна Бесими.

Нашата цел, потенцира тој, е многу искрена и транспарентна и ние немаме проблем да ги кажеме нашите позиции, а тоа е членството во НАТО. Додаде дека и сега на меѓународно ниво се користи референцата се додека не се најде друго решение и тоа не прави проблеми во функционирањето во други институции.

Реално, смета Бесими, до Самитот на НАТО во Чикаго, не може да се очекува решение за името. Тоа што треба да се направи е да се види кои се опциите во Чикаго, да продолжи дијалот со Грција за името и со неа да се најде решение како Македонија да стане дел од НАТО, рече министерот за одбрана Фатмир Бесими.