Отворена изложба во Скопје по повод Меѓународниот ден на холокаустот

Во Меморијалниот музеј на холокаустот во Скопје е отворена изложба на 16 наградени постери од конкурс за дизајн на студенти од Чешка, Франција и Израел, на тема „Холокауст - зачувување на сеќавањето“, која на денешниот Меѓународен ден на холокаустот се отвора во 90 градови во светот.

Поттема на изложбата е „Децата на холокаустот“, а нејзина цел е да се подигне свеста за значењето на овој ден кој е прогласен од Обединетите нации во 2005 по повод 60 години од ослободувањето на нацистичкиот логор Аушвиц.

- Црната дамка на цивилизацијата на 20 век, векот на тоталитаризмот, светските војни и неизмерните страдања на народите, а особено проектот за истребување на цел еден народ, на Евреите, ќе остане засекогаш како опомена за секоја следна генерација, рече министерот за надворешни работи Никола Попоски кој ја прогласи изложбата за отворена.

Покрај Скопје во одбележувањето на Денот во сеќавање на жртвите од холокаустот се вклучува и Битола зашто од овие два града заедно со Штип беа депортирани најголем број македонски Евреи во логорот Треблинка.

- Тие засекогаш со пеколниот транспорт во логорот Треблинка ги изгубија нашите сограѓани од еврејско потекло. Неизбришлив е вековниот придонес на 7.148 наши комшии - Евреи за Македонија. За одржување на тие придобивки Република Македонија со донесувањето на Законот за денационализација во 2000 година ним им се одолжува со подигањето на овој прекрасен меморијален центар, како и со вградување на методски единици во наставните програми, со неброени уметнички дела на македонски автори, додаде Попоски.

Светскиот ден на холокаустот - 27 Јануари оваа година првпат се одбележува во новиот Меморијален музеј на холокаустот во Скопје кој свечено беше отворен на 11 март минатата година кога се одбележува годишнината од депортирањето на македонските Евреи во логорот на смртта во 1943 година.