Почнува поднесувањето барања за „Купи куќа, купи стан“ - Можност за граѓаните која треба да ја искористат, апел од Владата

Од утре почнува апликацијата за проектот „Купи куќа, купи стан“. Владата очекува голем интерес од граѓаните за проектот кој ќе им овозможи да го решат едно од најважните прашања - обезбедување дом.

Ова е продолжение на активните мерки и политики на Владата за решавање на станбеното прашање и поддршка за илјадници граѓани за негово решавање, рече премиерот Никола Груевски на денешната заедничка прес-конференција со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и претставници на банките кои се вклучени во реализација на проектот.

Тој упати апел до граѓаните да ја искористат оваа можност, да се информираат добро со условите за аплицирање на овој проект и да не чекаат.

Апликациите до банките, како што информира министерот Ставрески, ќе се доставуваат до 1 март, по што ќе следи одобрување и првите кредити треба да се исплатат на почетокот на април. Проектот е наменет за сите граѓани, а особено за оние што имаат пониски примања.

Министерот очекува голем интерес. За подобро информирање на заинтересираните граѓани, Министерството за финансии почнува караван во сите поголеми градови во Македонија.

Банкарите го оценуваат како добар проект кој ќе овозможи многу млади луѓе да го решат станбеното прашање. Предноста е, рече директорот на НЛБ Тутунска и претседател на Здружението на банкарство Ѓорѓи Јанчевски, што банките ќе добијат многу нови клиенти, помош при негативни ефекти од кризата и значајна поддршка на градежниот сектор.

Владата очекува интерес од градежните компании за изградба на нови станови и намалување на цената на метар квадратен. Како што истакна министерот Ставрески, градежните компании посочиле дека може да се намали цената на метар квадратен во некои скопски населби како Кисела вода, Ѓорче Петров, Ново Лисиче, како и во внатрешноста.

Услов за учество е барателите на кредитот да немаат примања поголеми од 900 евра месечно, цената на недвижноста да не биде над 900 евра метар квадратен, а кредитот да не надминува 50.000 евра. Има две варијанти. Со едната „пола-пола рата“ Владата неповратно ќе обезбеди средства за половина од месечната рата од станбениот кредит во првите пет години. Со вториот модел „пола учество“ државата ќе плати 50 отсто од учеството за кредитот. Кај првиот модел каматата во првите пет години е 4,99 проценти за првите три и 5,5 отсто за следните две години.

Барањата може да се поднесуваат до НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка - Скопје, Охридска банка, Шпаркасе, Прокредит банка, Алфа банка, ТТК банка и Стопанска банка - Битола.