Ниска стапка на болни од туберкулоза, МЗ почна процедура за набавка на нова опрема и потрошен материјал

Македонија како резултат на добрата здравствена политика годинава премина во земји со ниска стапка на болни до туберкулоза (инциденца 18 на 100.000 жители). Имаме позитивен, односно надолен тренд на заболени и процент на излекување од над 90 проценти. Министерството за здравство почна процедура за набавка на нова медицинска опрема, потрошен медицински материјал, а предвидена е и реконструкција на дел од Инстутутот за туберкулоза.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров кој рече дека станува збор за активности кои ќе бидат преземени во текот на оваа година за што се предвидени околу 60 милиони денари (1 милион евра). До 2010 година, посочи тој, државата беше со средно висока инциденца.

-Планираните јавни набавки ќе придонесат за осовременување и приближување на здравствените услуги и зајакнување на примарната здравствена заштита. Предвидена е набавка на најсовремена апаратура за матичните лекари со цел брзо препознавање на ова респираторно заболување и навремено упатување на болните до повисоки нивоа на здравствена заштита бидејќи за ова заболување е посебно значајна брзата и навремена дијагностика, потенцира Тодоров.

Тој рече дека средствата за оваа намена се обезбедени од програмата за туберкулоза финансирана од Глобалниот фонд за тубекулоза и маларија при што ќе бидат објавени два тендери за набавка на опрема и медицински потрошен материја.

Тендерот за медицинска опрема кој денеска се објавува, истакна Тодоров, е во вкупна вредност од околу 10 милиони денари или 167.550 евра и со него е предвидена набавка на систем за брза и прецизна дијагностика на тубекулозните бактерии што претставува најсовремен метод за дијагностицирање на болеста и времето на дијагностицирање се намалува од 30 дена на само еден ден.

- Предвидена е и набавка на 120 пик-флоу метри, наменети за матичните лекари  во рамките на проектните активности за развивање на систем за рано препознавање на респираторни заболувања на ниво на примарна здравствена заштита и нивно упатување до соодветни повисоки нивоа на здравствена заштита, два спирометри, шест небулајзери, 50 оксиметри, за потребите на Институтот за ТБЦ, специјалните болници за туберкулоза низ републиката и одделенијата за туберкулоза во клиничките болници и пет ЛЕД микроскопи, рече Тодоров.

Вториот тендер се однесува за набавка на потрошен материјал за потребите на Националната референтна лабораторија во Институтот за ТБЦ и мрежата на лаборатории за дијагностика  на туберкулоза низ земјата и е во вредност од 10 милиони денари. 

Со него, посочи Тодоров, предвидена е набавка на тврди и течни подлоги, стерилни контејнери, рендген филмови, средства за дезинфекција, респираторни маски, генски проби, потрошен материјал за бронхоскопи итн. Набавката на потрошен материјал е планирана во секоја програмска година.

- Бројот на заболени во 2006 година кога е почнат грантот и овој проект е намален од 630 пациенти (29 на 100.000 жители) на 363 туберкулозни пациенти во 2011 година (инциденца 18 заболени на 100.000 жители) што е во согласност со индикаторите зацртани во Стратегијата 2008/2012 година. Со правилно и навремено лекување на новите случаи се превенира појава на резистентни форми на оваа болест, рече Тодоров.

Тој укажа дека лекувањето на болни од туберкулоза во Македонија е бесплатно односно е покриено од држава, при што покрај средствата обезбедени од Глобалниот фонд, Министерството секоја година носи посебна превентивна Програма за лекување на болни од туберкулоза.
 
- Во Програмата за превентивни мерки за спречување на туберкулозата кај населението за 2012 година е предвидена набавка на лекови од прва линија за болните со туберкулоза во износ од  1.800.000 денари, со што се опфатени сите болни кои имаат потреба од лекување. Во рамки на Програмата на Министерството се набавуваат и лекови за болни со мултирезистентна туберкулоза (за околу 10 болни), за што се издвојуваат дополнителни 2.200.000 денари, додаде Тодоров.