Ристовски - Михал: Соработката меѓу Македонија и Словачка е одлична

Соработката меѓу Македонија и Словачка во делот на социјалата е одлична, оценија по денешната средба министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и словачкиот заменик премиер и министер за труд, социјални работи и семејство Јозеф Михал. 

На средбата, како што истакна Ристовски, било договорено интензивирање и продолжување на комуникацијата и соработката меѓу двете министерства, посебно за експертска помош во делот на трудовото законодавство и на активните политики.

- Разменивме искуства во делот на развој на социјалниот дијалог, комуникација со синдикатите и организациите на работодавачи и реформи во системот за пензиско и инвалидско осигурување, односно процесот на доделување на инвалидските пензии, рече Ристовски.

Тој посочи дека било договорено македонски експерти да одат во Словачка и да почнат разговори околу можноста за склучување договор за социјално осигурување меѓу двете земји. Нагласи дека таму има 104 евидентирани македонски граѓани, но и присуство на сезонски работници.

Словачкиот вицепремиер и министер за труд, социјални работи и семејство Михал информира дека на средбата со македонскиот колега разгледувале предлози и идеи за намалување на невработеноста. Тој нагласи дека и Словачка се соочува со невработеност, но оти таму таа изнесува 14 отсто, што, спроед него, е прилично голема бројка.

- Во намалување на невработеноста многу ни помогна влезот во ЕУ и се надевам дека истото ќе и се случи на Македонија, бидејќи со користењето на ЕУ фондовите се овозможи намалување на невработеноста, нагласи Михал, додавајќи дека Словачка безрезервно ја поддржува Македонија на патот кон европската интеграција.