Министерот Бејта се сретна со унгарскиот амбасадор Бенце

Вопоставување соработка во повеќе сфери, како локална самоуправа, економија  и збратимување на повеќе македонски со унгарски градови, беа темите на денешната средба меѓу министерот за локална самоуправа Невзaт Бејта и амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Јожеф Бенце.

Министерот Бејта потсети дека бил на едукација во Унгарија каде се сретнал со вицепремиерот и министер за внатрешни работи Сандор Пинтер.

Според Бејта, Македонија може да го користи искуството на Унгарија како држава членка на ЕУ и како ги користат средствата од фондовите на ЕУ.

- Дојдовме по барање на министерот Пинтер, кој не замоли да му пренесеме на министерот дека ќе треба да оформат една група од локалната самоуправа која ќе ја посети Унгарија за да можат да ги преземат сите искуства кои ги има Унгарија. Можат да го изучуваат целиот наш систем на локалната самоуправа, начинот на финансирање на тој систем и можноста за искористување на европските фондови, рече Бенце.

Тој потсети дека Унгарија осум години е членка на ЕУ и оти веќе го поминала тој процес што сега ја чека Македонија. - Унгарија ја смета Република Македонија за стратегиски партнер. Од самиот почеток Унгарија стои покрај Македонија и ја поддржува во европската интеграција. Додека Унгарија претседаваше со ЕУ тоа многупати го докажавме. Постојано на дневен ред беше европската интеграција на земјите кои се уште не се членки, рече Бенце и додаде дека направиле голем чекор и во процесот на Хрватска.

Тој потенцира дека и понатаму ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија во процесот на евроинтеграција.

Унгарскиот амбасадор истакна дека сакаат да воспостават и економска соработка. Тој потсети дека премиерите на двете држави веќе потпишале една соработка за развој на економијата. Договорот е ратификуван и се очекува на почетокот на годинава да се потпише.

- Унгарската Влада и Министерството за внатрешни работи на Унгарија се подготвени сите искуства да и ги пренесе на Македонија. Важно за нас е да вопоставиме соработка во локалната самоуправа. Целта ни е да збратимиме повеќе македонски и унгарски градови, да се запознаат народите, културите и да учиме едни од други, рече Бенце.

На средбата се дискутирало за збратимување на Скопје со Будимпешта и Битола со Печ, постара желба на Владите на Македонија и на Унгарија, како и за збратимување на Делчево со Фелшозолца, Онод - Пехчево, Мухи - Чешиново - Облешево, Њекладхаза - Дебар, кои веќе се предложени во ЕУ. Бејта ги предложил за збратимување и Струга, Охрид, Врапчиште и Боговиње.

Бенце како подарок од министерот Бејта доби книга за општините во Македонија.