Бесплатни ИКТ обуки годинава за 7.500 лица, најголем интерес во поголемите општини

Најголем интерес за бесплатните ИКТ обуки  што  се спроведуваат во бесплатните интернет клубови во 22 града во државата има во поголемите општини Скопје, Битола, Струмица и Кавадарци. Со обуките во текот на годинава ќе бидат опфатени над 7.500  лица, а зависно од интересот Владата ќе продолжи со такви активности и во наредните години, информира министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Тој денеска се запозна со текот на обуките во бесплатниот интернет клуб во Општина Центар и најави дека до крајот на годината ќе бидат отворени уште осум бесплатни интернет клубови во поголемите општини.

- Интернет клубовите се отворени секој ден, а обуките се спроведуваат двапати неделно. Доколку има уште поголем интерес ќе можеме да ги отстапиме интернет клубовите и за повеќе обуки. Наш интерес е граѓаните да ја зголемат својата  писменост во познавање на информатичко комуникациски технологии затоа што тоа е параметар  по  кој вршат споредби Европската унија и Обединетите нации, изјави Ивановски.

Бесплатните обуки што почнаа да се спроведуваат од декември лани како дел од проектот на Министерството за информатичко општество и администрација се поделени на два дела: првиот за канцелариско работење, а вториот  кој ќе почне од наредниот месец за социјални мрежи, интернет пребарување, скајп, форуми и блогови. Ги посетуваат граѓани од  различни генерации, особено повозрасните што во текот на работењето немале пристап до работа со компјутер. За нивна обука МИОА ангажираше 22 обучувачи со ИКТ познавања од академската фела избрани на конкурс.

Проектот, потсети Ивановски, е со цел поголема искористеност на интернет клубовите, но пред се како резултат на интересот од граѓаните за  таков вид обука.

Според Ивановски, МИОА нема да застане со бројката од 7.500 граѓани.

 - Апелирам граѓаните да се обратат со конкретни предлози и прашања што е неопходно  за нив со цел да можеме да направиме вакви обуки и во 2013 и 2014 година. Моментно овој циклус обуки е предвиден за 2012 година и ќе трае се додека има интерес од граѓаните, истакна министерот за информатичко општество и администрација.