Во Скопје се одржува меѓународна конференција „До подобро здравство за Ромите“

Во рамките на македонското претседавање со Декадата за вклучување на Ромите 2005-2015 денеска и утре во Владата на Република Македонија се одржува меѓународна конференција „До подобро здравство за Ромите“, во организација на кабинетот на министерот без ресор Неждет Мустафа и ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

Мустафа во својот говор истакна дека во македонското општество е видлив растечкиот феномен на сиромаштијата и социјалната исклученост на ромската популација. Предизвик за сите земји вклучени во декадата е како тие да се справат со овие процеси и закани за да се ублажат негативните последици врз ромската заедница.

- Ризиците со кои е опкружена ромската популација бара наше заедничко поблиско внимание. Ромите во моментот имаат највисока стапка на морталитет, а спротивно на ова стапката на наталитет кај ромската заедница од година во година се повеќе и повеќе се намалува, што доведува до алармирачка состојба за опстанок на нашата заедница и иднина, изјави Мустафа.

Најави дека од оваа година во Македонија ќе започне да се спроведува проектот Ромски здравствени медијатори, а исто така да бидат воведени и мобилни амбуланти во ромските населени места за што очекуваат поддршка од Светската здравствена организација.

Мустафа смета дека поради тоа мора да се реши проблемот со документите за лична идентификација и здравствено осигурување. Во иднина, според него, треба да се посвети поголемо внимание за обезбедување на редовен бесплатен гинеколошки преглед, а сите бремени жени, кои најчесто поради нередовни прегледи се соочуваат со критична бременост.    

Целта на конференцијата е да овозможи адекватен пристап до примарното здравје на ромското население и да го подобри моделот на Ромските здравствени медијатори (РЗМ). Се очекува да бидат идентификувани најдобрите искуства и предизвици на пристапот на Ромите до примарното здравство со потребните мерки за нивно континуирано спроведување од страна на институциите на системот.

Конференцијата е добра можност за размена на искуства помеѓу националните засегнати страни од земјите учеснички. Учествуваат претставници од 12 земји од Декадата, вклучувајќи ги и меѓународни претставници, експерти и невладини организации. Според организаторите конференцијата ќе придонесе за понатамошно стекнување на соодветни здравствени практики и политики, како предуслов за ефективен пристап до примарната здравствена заштита на Ромското население. 

На конференцијата свои обраќања имаа и Јовица Андоновски, заменик министер за здравство, Марија Кишман, шеф на канцеларијата на Светска здравствена организација во Македонија, Аксел Чејни, директор на Одделението за координација со ромски прашања во Европската Комисија во Скопје, Жарко Трајановски, член на извршен одбор на Фондација Институт отворено општество, Франсоа М. Фарах, претставник на Романија и директор за Македонија, Молдавија и Србија, УНФПА, Фонд на население на Обединети нации.