Попоски и Арифи во Брисел се сретнаа со комесарите Филе и Малмстром

Искажувајќи уважување за дадените препораки на Европската Комисија за почеток на пристапните преговори со Република Македонија, министерот Попоски ја истакна заложбата за што поскоро донесување на одлуката  на Советот. Потребно е да се сочува кредибилитетот на процесот на проширување и во случајот на Македонија, односно принципот на заслуги на секоја земја – кандидат да биде основа за напредок во пристапниот процес.

На средбата со комесарот Филе, на која учествуваше и Вице премиерот Теута Арифи беа разменети мислења за претстојниот Пристапен дијалог на високо ниво меѓу Владата на Република Македонија и Европската комисија. При тоа беше истакната заемна заложба фокусот на дијалогот да биде ставен на следење на реализацијата на реформите во клучните области на правосудството, јавната администрација, медиумите, борбата против корупцијата, како и спроведувањето на економските критериуми за членство во ЕУ.

Во фокусот на разговорот со комесарот Малмстром беше постигнатиот напредок на Македонија во подрачјето правда, слобода и безбедност во функција на подготовка за пристапниот преговарачки процес. Поглавјето правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) заедно со поглавјето правосудство и фундаментални права (Поглавје 23) ќе бидат првите отворени поглавја за скрининг и пристапни преговори согласно новиот пристап на Европската комисија за проширувањето.

Министерот Попоски ги презентираше тековните активности во областите миграција, азил, гранично управување, борбата против организираниот криминал и полициските реформи. Се разговараше и за ефектите од мерките кои ги презема Македонија за справување со појавата на неосновани баратели на азил во земјите на ЕУ. Моментално трендот на баратели на азил е во опаѓање, а за негово сузбивање ќе се продолжи со кампањите за подигнување на јавната свест, социо-економските мерки за подобрување на животните услови на ранливите групи на население, со зајакнати контроли на граничните премини и блиска соработка со засегнатите земји членки. 

Комесарот Малмстром ги поздрави напорите на Македонија во пристапниот процес и напреднатото ниво на усогласеност со правото на ЕУ во поглавјето правда, слобода и безбедност. Генералниот директорат за внатрешни работи останува подготвен за зајакната соработка и дијалог со надлежните служби во Македонија за натамошно спроведување на реформите во оваа клучна област од пристапниот процес. Ги поздрави активностите за намалување на појавата на баратели на азил и препорача мерките да продолжат со несмален интензитет, особено оние за подобрување на социо-економските услови за живеење.