Николовски: Со новата субвенција од 3 денари за производителите на јаболка до откуп на целата количина индустриски јаболка

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, денеска имаа средба со производителите на јаболка од преспанскиот регион.

Министерот Николовски ги информираше овоштарите за новата интервентна субвенција која што ја воведе Владата на последната седница за производителите на јаболка, кои своето производство ќе го предадат кај регистрирани откупувачи на јаболка кои вршат откуп за извоз. Висината на оваа нова субвенција е 3 денари за килограм предадено индустриско јаболко кај регистрирани откупувачи. Условот за добивање на оваа нова субвенција, е родот да е предаден најдоцна до 25 декември годинава по цена не повисока од 5 денари за килограм. При тоа потенцираше дека ваквата нова субвенција е донесена после повеќето средби со земјоделците и откупувачите на јаболка, а со цел да им се излезе во пресрет на производителите на јаболка особено во преспанскиот регион, кои претрпеа големи штети врз производството поради временските непогоди. Со новата субвенција не само што ќе им се овозможи на земјоделците да имаат рентабилно производство, туку  ќе се создадат и услови и за откуп на целата количина произведени јаболка.

„Ова е само една од пакетот мерки наменети за овоштарите и производителите од овој регион. Цврсто стоиме на нашите политики за враќање на парите назад кон граѓаните и носење на мерки секогаш кога тоа е потребно на земјоделците“, изјави  министерот Николовски.

Николовски посочи дека МЗШВ континуирано го стимулира развојот на овоштарството и преку мерките во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018 година. Во годинешната Програма се зголеми субвенцијата за предадено овошје во преработувачки капацитети за овошје од 2 на 3 денари за килограм предадено овошје вклучително и за јаболката во преработувачки капацитети. Исто така во годинешната Програма, за 20 отсто се зголемени субвенциите за одржување на овошни насади за земјоделците со развоен потенцијал. Дополнително за оваа година за реконструкција кај овошните насади особено кај јаболката за промена на асортиментот се воведе нова поголема субвенција од 9.900 денари. За промена на производство од житни во овошни култури земјоделците ќе добијат 30 отсто повисока субвенција по хектар.

Директорот на Платежната агенција Бабовски, им порача на овоштарите да ја подготвуваат документацијата за новиот повик за ИПАРД 2 Програмата што ќе им помогне и во инвестициите во делот на реконструкција на овошните насади, промена асортиментот како и набавка на заштитни мрежи. Последната интервентна субвенција е петта мерка која Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство ја носи за овоштарството. За преспански регион досега се исплатени 336 милиони денари за сите мерки. На овој начин директно се поттикнува развојот на овоштарството, вклучително и производството на јаболка.