Груевски најави нова кредитна линија од ЕИБ по завршување на претходната

Премиерот Никола Груевски денеска најави повлекување нова кредитна линија за мали и средни претпријатија од Европската инвестициска банка од 50 до 100 милиони евра, по завршувањето на претходната.

По отворањето на лабораторијата за мерење еколошки параметри на Факултетот за електротехника и информациски технологии, во изјава за медиумите Груевски рече дека Владата постојано прави мерки и чекори за поддршка на стопанството.

- Неодамна, како што знаете, усвоивме нови 50 мерки кои треба некаде од средината на годината да се завршат. Една од мерките која што можеби е најзначајна е тоа што како што завршува кредитната линија за мали и средни претпријатија  која ја влечеме од Европската инвестициска банка, така ќе повлечеме нова од 50 па можеби и 100 милиони евра  за да можат нашите компании да користат кредити по ниски каматни стапки до 5,5 проценти кои се субвенционирани, изјави премиерот.

Груевски најави дека Владата субвенционира и ќе продолжи да субвенционира камати за кредити на приватниот скетор.

- Тоа е директна интервенција во приватниот сектор со субвенционирање камати за македонските компании. Се разбира, за да нема политички влијанија, сите тие кредити одат преку комерцијалните банки и тие ги одредуваат компаниите кои ги исполнуваат стандардите, а во финалето, Македонската банка за развој ги доделува кредитите по претходна согласност со некоја од комерцијалните банки, појасни Груевски.

Од она што го разбрав на еден од последните состаноци со банкарите и стопанските комори, истакна премиерот, тие целосно се преструктуирани на оваа кредитна линија што и практично сите кредити што ги издаваат ги издаваат од оваа кредитна линија, бидејќи сите други извори на средства што ги имаат банките се поскапи.

- Нас тоа не радува, бидејќи пред две години кога почнавме да ја пласираме оваа кредитна линија на почетокот имаше мала искористеност, најверојатно поради слабата запознаеност. Но, сега интересот е огромен и за неколку месеци, половина од последната кредитна линија е распределена. Се надевам дека наскоро ќе биде распределена и втората половина, а веќе работиме и за нова кредитна линија, изјави Груевски.  

На прашањето дали е стабилен денарот, по приближувањето на еврото кон доларот, премиерот рече дека нема никакви проблеми и оти денарот е многу стабилен.

- Јас сум постојано во контакт со гувернерот. Имаме размена на информации на неделна основа и можам да кажам дека денарот е многу стабилен, нема никакви проблеми, иако има приближување во однос евро-долар. Што се однесува до денарот, имаме количини на девизни резерви и сите други параметри покажуваат дека во моментот имаме исклучително стабилна валута што веројатно е и причина во последните месеци граѓаните голем дел од девизните заштеди да ги префрлаат во денарски и количините на денарски заштеди имаа серизоен раст на сметка на девизните заштеди.