Груевски: За инфраструктурни проекти во 2012-та наменети околу 78 милиони евра

Во рамки на започнатиот проект за обнова на инфраструктурата во Македонија, во 2012 година Владата има предвидено околу 78 милиони евра за изградба и реконструкција на локални и  регионални патишта. Премиерот Никола Груевски најави и довршување на Коридорот 10.

- Во средината или втората половина на годинава треба да почне градбата на последното парче од Коридорот 10 од автопатот „Александар Македонски“, во делот Смоквица -  Демир Капија, за што има обезбедено финансии и е во фаза на избор на компанија што ќе го гради. Инвестицијата ќе биде над 200 милиони евра и ќе биде сериозен импут за градежните компании. Независно кој ќе го земе тендерот, секако македонските фирми ќе бидат вклучени, изјави Груевски по посетата на новата лабораторија на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Премиерот очекува до крајот на 2012-та да почне и првата од неколкуте фази од пругата кон Бугарија.  - Работиме со Европската банка за обнова и развој до крајот на годинава да почне изградбата на железницата кон Бугарија, истакна Груевски.

Додаде дека во инфраструктурниот план е довршување и на други патни правци, како Струмица - Радовиш и уште неколку регионални патишта кои се почнати и треба да завршат со доинвестирање со средства од годинашниот буџет. Ги посочи и патните правци кон Кожуф, во Поречието...

Груевски соопшти и дека е формирана комисија што ќе ги утвдува критериумите под кои ќе се субвенционираат евтини авиолетови и дека за таа намена Владата обезбедила средства во буџетот за 2012.

- Тие средства ќе се распределат по критериумите што ќе ги уреди  комисијата. Мислам дека тоа ќе биде завршено во февруари и ќе биде објавен оглас на кој ќе можат да се јават меѓународни компании што сакаат да ги користат тие субвенции, кои ќе понудат нови авиолинии и ќе носат туристи во Македонија, рече премиерот.

Тој нагласи дека важно во овој проект е да се привлечат компании кои не само што ќе продаваат евтини билети, туку и кои ќе ја рекламираат нашата земја за да ги наполнат своите авиони со патници.

- Во земјата од каде што го прават летот тие од својот буџет инвестираат голема сума пари за реклама во тамошните медиуми за да привлечат што повеќе туристи да ја посетат Македонија и нивната авиолинија да биде профитабилна. Тоа е додатна вредност. Се работи за три-четири компании од Европа, познати и во светот, кои се од таков тип, кои не само што превезуваат, туку прават и сериозен маркетинг и пропаганда за земјата. Токму таква сакаме да привлечеме. Штом ќе ги завршиме критериумите, во февруари, ќе објавиме оглас и потоа ќе има преговори со компаниите, истакна премиерот Никола Груевски.