Претставници на ИФЦ од групацијата на Светска банка на средба со премиерот Заев најавиja поголема поддршка за приватниот сектор во Република Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од своите соработници, денеска, се сретна со делегација на Меѓународната финансиска групација (ИФЦ), дел од Светска банка, предводена од Вебке Шлумер, регионална директорка за Европа и Централна Азија, која беше придружувана од регионалниот директор за Централна и Југоисточна Европа, Томас Лубек. Премиерот Заев на директорката Шлумер, која за прв пат ја посетува Македонија, и посака добредојде. Тој искажа големо задоволство поради нивното присуство пред историскиот момент за одржувањето на референдумот на 30 септември, кога македонскиот народ ќе покаже единство и ќе ја донесе одлуката за напредок на земјата, со исполнување на евроатлантските интеграции. Истовремено, со Шлумер се согласија дека иднината на Македонија, како идна членка на НАТО и ЕУ, на граѓаните и домашните компании им отвора можност да се претстават на пазарот каде има повеќе од 500 милиони потрошувачи. Директорката Шлумер, со премиерот Заев разговараше за потенцијалите на Република Македонија и искажа отворена поддршка на групацијата ИФЦ за интензивирање на финансирањето проекти во приватниот сектор и во подобрувањето на снабдувањето со електрична енергија, особено во полето на обновливите енергетски ресурси. Претставничката на ИФЦ, посебно се осврна на важноста на поддршката на приватниот сектор преку поврзување на странските директни инвестиции со домашните компании, на што премиерот Заев додаде дека Владата преку проекти е посветена на охрабрување на локалните компании, на младите луѓе, за имплементирање на нивните бизнис идеи со следење на модерните и иноваторските технологии. Премиерот Заев информираше дека Владата презема конкретни мерки за мотивирање во приватниот сектор, подобрување на конкурентноста со цел да бидат отворени нови, добро платени работни места, кои ќе ги задржат младите да работат во нивната татковина. Директорката Шлумер додаде дека ИФЦ ги разгледува можностите и за поттикнување на развојот на микро, мали и средни претпријатија преку олеснет пристап до финансии, потенцирајќи дека поддршката е во насока на трендот на подобрување на економијата во земјата и преку создавањето услови за нови пазари да се отворат перспективите не само на граѓаните на Македонија, туку и на регионот. „Вашата поддршка ја цениме, ние создаваме услови за искористување на нашите потенцијали, ги поддржуваме домашните претпријатија и одржувајќи добрососедски односи сакаме заедно, со земјите од регионот да освојуваме нови пазари“, подвлече премиерот Заев на средбата, охрабрувајќи ги претставниците на Меѓународната финансиска групација, ИФЦ, активно да ја следат се поинтензивната регионална соработка помеѓу државите на Западен Балкан, при што нивната поддршка би била од огромно значење во помагање на заедничкото настапување на регионот на европските и светските пазари.