Премиерот Заев и министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Бушати: Охрабувачка е поддршката на лидерите од регионот во чекорите на земјата за заокружување на евро-атлантскиот процес

Во пресрет на утрешната, официјална посета на Република Македонија, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска го прими министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати.

 

На средбата, на која присуствуваше и министерот за надорешни работи Никола Димитров, се разговараше за билатералните односи меѓу двете земји, како и за перспективите на натамошната соработка во области од заеднички интерес, вклучително економијата, трговската размена и интерконективноста.

 

Премиерот Заев го информираше министерот Бушати и за актуелните активности поврзани со спроведувањето на референдумот за договорот од Преспа, како важен чекор за нашата земја и за нашите евро-атлантски интеграции.

 

Тој ја истакна поддршката што за нашата земја во таа насока доаѓа од актуелната Влада на Република Албанија, и посебно од премиерот Рама.

 

„За нас нема алтернатива кога станува збор за исполнување на нашите стратешки цели, членството во ЕУ и НАТО, и за граѓаните на Република Македонија учеството и гласот на референдумот е глас за иднината на нашата земја“, рече премиерот Заев на средбата со министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија Дитмир Бушати, и додаде дека охрабува и непосредната поддршката на европските лидери, како и на лидерите на НАТО и ЕУ, кои во овој период ја посетуваат Република Македонија, исто како политичките лидери од регионот.

 

Двајцата соговорници, Претседателот на Владата на Република Македонија Заев и министерот за надворешни работи на Република Албанија Бушати, разменија и мислења околу состојбите во регионот и перспективите за негово интегрирање во европските и евро-атлантските структури.