Владата останува на ветувањата за зголемување на платите и пензиите

Најавата за зголемување на платите во администрација останува. Во декември годинава платите ќе се зголемат за пет отсто, следниот декември за уште толку, а во декември 2014 за уште 10 отсто или вкупно за нешто повеќе од 20 проценти, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

- Се работи за наше изборно ветување што го има и во нашата Програма, и партиска и владина, а тоа е дека ние во точно одредени рокови ќе направиме зголемување на платите во јавната администрација. Тоа е наше изборно ветување заради кое меѓу останатото граѓаните ни дадоа најголема доверба. Наше е да потврдам дека и покрај сите проблеми со коишто се соочуваме, ние ќе настојуваме, се разбира, ако драстично не се влошат состојбите во меѓувреме, а се надевам дека тоа нема тоа да се случи, рече Груевски одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на спортска сала во ОУ „11 Октомври“.

Паралелно со тоа, посочи дека е предвиден пораст и на пензиите по исти односно поголеми стапки, пет отсто и двапати по 7,5 отсто во наредните две години, како и на социјалната помош.

- Засега и покрај сериозните проблеми што се во Европа со европската еврокриза се трудиме да не се откажеме или да не ги пролонгираме. Оставам мала резерва во текот на годината што ќе се случува во Европа, дали тоа што ќе се случува ќе оди во лоша насока и ќе се рефлектира кај нас па ќе мора да одложиме, затоа ние дадовме можност, а дефинитивната одлука ќе ја донесеме во втората половина на оваа година, рече Груевски.

Прашан за проектите за самовработување и дали тие ќе влијаат врз намалување на сивата економија, тој одговори дека досега овие проекти даваат добри резултати. - Голем број лица преку проектот на Владата за самовработување кој почна некаде пред 2-3 години успеаја да почнат бизнис со средствата што ги добија од Агенцијата за вработување, односно од Буџетот на Република Македонија кои беа четири илјади евра за оние коишто се поранешни стечајци и три илјади евра за оние коишто се невработени, и со здружување на четири или пет невработени може да се дојде до 15.000 евра за започнување на одреден бизнис-проект, истакна Груевски.

Најави дека овој владин проект ќе продолжи со цел да им се даде можност на многу луѓе кои имаат креативна енергија и на кои им е потребен почетен капитал, да започнат бизнис.

Тој очекува и продолжување на трендот на странски инвестиции, кои, како што вели, ќе имаат значително влијание во економијата.

- Погледнете само со „Џонсон Мети“ и со „Џонсон контрол“ што се случува и колку драстично е зголемен извозот на Македонија. Се разбира, зголемен е и увозот, но повеќе е зголемен извозот затоа што има додатна вредност која што отанува. Есента имавме еден инвестициски бран од нови фабрики. Синоќа одржавме средба на Комитетот за странски инвестиции и констатиравме дека практично во последните месец-два околу 10 нови компании ни имаат потврдено дека веќе имаат интерна одлука за инвестирање во Македонија, но се разбира, како што е деловната етика, нивните планови ќе бидат објавени тогаш кога тие ќе одлучат. Очекуваме некаде до средината на оваа година самите да го објават тоа и најчесто тоа го прават во моментите кога го потпишуваат договорот со Владата и неколку дена или недели подоцна почнуваат со градба на фабриката, рече Груевски.

Информира дека Комитетот за странски инвестиции разгледувал уште 50-100 други потенцијални компании кон кои Владата се обидува да пристапи, да комуницира и да им ги понуди добрите услови за правење бизнис во Македонија.

- Ќе продолжиме да работиме на сите нив, ќе продолжиме да работиме со сите наши капацитети во Владата и со нашите промотори во странство да обезбедиме што е можно повеќе инвеститори бидејќи секое отворање на нова фабрика е отворање на нови работни места. А секое отворање на нови работни места е решавање на многу семејни проблеми, на многу граѓани и семејства им се решава егзистенционалниот, но и на некој начин проблемот кој создава пошироки проблеми. Очекуваме овој летно-есенески бран на најави за изградба на фабрики да приврши некаде до крајот на ова лето бидејќи обично е потребно најмалку една година за изградба на таков објект, така што некаде од пролет тие ќе бараат нови вработувања, изјави Груевски. 

Очекува тоа да доведе до раздвижување на пазарот на трудот, и да се појават и нови инвеститори заинтересирани за Македонија.

- Се надеваме дека ќе ги има повеќе затоа што Македонија во меѓувреме не стои, независно што имаше светска економска криза, а сега има европска должничка криза, ние постојано работиме на дополнителни подобрувања на условите за правење бизнис и не случајно Светската банка секоја година не рангира меѓу првите земји во светот по модернизацијата и реформите што сме ги направиле во делот на правење добри услови за бизнис. Секако тој сигнал доаѓа до инвеститорите и тие доаѓаат и се интересираат. Мислам дека сите тие напори ќе дадат свои резултати и веќе даваат, изјави премиерот Никола Груевски.