Премиерот Заев на првиот училишен ден на првачињата во ОУ „Ацо Шопов“ во Радишани: Никогаш не ги игнорирајте индивидуалните посебности на децата, во нив се кријат силни таленти на кои ќе бидете горди кога ќе ги откриете

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерот за образование и наука, Арбер Адеми и градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски денеска присуствуваа на првиот училишен ден на првачињата во ОУ „Ацо Шопов“ во скопската населба Радишани во Општина Бутел.

Премиерот Заев и министерот Адеми во своите обраќања им порачаа на учениците успешен почеток на учебната година и успешни школски денови во сите наредни години, додека на наставниците им порачаа да ги охрабруваат нивните ученици да ги развиваат своите знаења преку љубопитството и фантазијата бидејќи љубопитството и прашањата на учениците се израз на нивната желба за знаење.

„Сакам да им честитам и на вашите наставници на уште еден прв училишен ден во нивната кариера. Знам дека и тие се многу радосни што добиваат шанса да воспитуваат и едуцираат уште една генерација умни глави. Сакам да ги замолам да не престанат да ги почитуваат вашето љубопитство и фантазија.

Љубопитството и прашањата на учениците се израз на нивната желба за знаење. Слушајте ги внимателно, и обидете се заеднички со нив да стигнете до одговорите. Радоста на стекнувањето знаење и одговори кога учениците сами стигаат до одговорите, со ваша стручна помош, е незаменлива.

И уште една порака за наставниците: Никогаш не ги игнорирајте индивидуалните посебности на децата. Во нив се кријат силни таленти на кои ви ќе бидете лично горди кога ќе ги откриете“ порача премиерот Заев.

Во своето обраќање министерот Адеми потенцираше дека: „Најголем предизвик денеска е за најмалите е првиот ден во училишните клупи. Овој ден тие започнуваат нова етапа во нивниот живот на личен и професионален план. Овој пат не се сами, тие се заедно со вас заедно со нас да градиме заедно европска држава, европско образование. Оваа учебна година ја започнуваме со многу новини, освен покачувањето на платата за 5% за сите вработени во основни и средни училишта, исто така оваа учебна година почнува со 22 коригирани учебници. Сите недостатоци кои се веќе констатирани во претходниот период ќе се исправат. Исто така учениците од прво до трето одделение, секоја година согласно законот за учебници ќе добиваат нови учебници по сите наставни предмети така што заедно јас сум сигурен дека можеме да постигнеме повеќе.“


Здраво дечиња, првачиња,

Почитувани родители и наставници,

Почитуван министер за образование Адеми,

Почитуван градоначалник на општина Бутел Велимир Смилевски,

Почитувана директорка на училиштето Лепосава Дохчева,

Верувајте ми, дека лично јас денеска се радувам што сум тука со вас, исто толку колку што се радувате и вие – децата коишто тргнуваат на првиот школски ден во оваа учебна година!

Радоста што излегува од вас се шири насекаде, од вашите домови, во вашето семејство, кај вашите родители, баби и дедовци, кај вашите братчиња и сестричиња...

Денеска сите вие децата и вашите родители ќе добиете стотици честитки, ќе ви се јавуваат и ќе ви честитаат и ќе ви посакуваат успешен прв училишен ден и успешни школски денови во сите наредни години.

Најважните работи што ќе ви се случат во животот, можат да се избројат со прстите од едната рака:

Еве да го поставам јас првото прашање на вашиот прв училиштен ден: Колку прсти има раката?

Така, е пет, браво. Ете, вашите наставници уште денеска можат да ви напишат една голема петка на сите дечиња заради тоа што дечињата ни се паметни.

Една од тие пет најважни работи во вашиот живот е вашиот прв училишен ден.

Овој ден денеска е посебен, ден што ќе го паметите целиот ваш живот. Верувајте ми!

Денеска ќе си разговарате со вашите родители, со бабите и дедовците, со постарите братчиња и сестрички, и сите ќе ви го кажат истото: Ова е ден за паметење.

Зашто од денеска натаму, многу од тие најважни работи во животот ќе ви се случуваат токму тука, во училиштето.

Тука ќе учите, тука ќе ги направите некои од пријателствата што ќе ви траат низ целиот живот.

Можеби првото другарче што сега е токму до вас, е токму тој пријател за цел живот.

Тоа е училиштето...

Училиштето е и место каде што ќе учите. Ќе стекнувате многу знаење. Знаењето е многу интересно. Работите што ќе ги научите тука, ќе ви помагаат на разни начини во вашиот живот.

Знаењето што ќе го примате и совладувате со вашите умни главички, во ова училиште, и во другите училишта подоцна, ќе ви помогнат да бидете лекари, градители на највисоки згради и на најубави мостови, ќе ви помогне да бидете најдобри сликари, балерини, новинари, глумци.

Тоа е училиштето, тоа е знаењето.

Вие сите сте многу паметни деца. Сите. И знам дека сте многу љубопитни и дека сакате да поставувате многу прашања.

Тоа е многу добро. И никогаш немојте да престанете да го правите тоа. Да поставувате прашања секаде околу вас.

И кога го спомнувам тоа, сакам да им честитам и на вашите наставници на уште еден прв училишен ден во нивната кариера. Знам дека и тие се многу радосни што добиваат шанса да воспитуваат и едуцираат уште една генерација на умни дечиња.

Сакам да ги замолам да не престанат да ги почитуваат вашето љубопитство и фантазија.

Љубопитството и прашањата на учениците се израз на нивната желба за знаење. Слушајте ги внимателно, и обидете се заеднички со нив да стигнете до одговорите.

Радоста на стекнувањето знаење и одговори кога учениците сами стигаат до одговорите, со ваша стручна помош, е незаменлива.

И уште една порака за наставниците: Никогаш не ги игнорирајте индивидуалните посебности на децата. Во нив се кријат силни таленти на кои ви ќе бидете лично горди кога ќе ги откриете.

Мили деца, почитувани и среќни родители почитувани наставници нека ви е честит првиот училишен ден.

Нека биде само прв од низата успешни кои ќе ви донесат радост во вашите семејства, во вашето училиште, во вашите кариери.