Премиерот Заев и Претседателот Вучиќ го најавија проектот заедничко гранично управување One Stop Shop помеѓу Македонија и Србија: Ова е значаен проект за граѓаните од целиот регион и за унпаредување на економската соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ денеска се сретнаа на граничниот премин Табановце Прешево и најавија почеток на имплементација на проектот за заедничко гранично управување One Stop Shop.

Премиерот Заев и претседателот Вучиќ во своите обраќања пред медиумуте истакнаа дека со реализацијата на овој проект се отвараат перспективите за зголемување на економската соработка  и трговска размена преку овозможување на побрз проток на луѓе, капитал и стоки помеѓу двете земји.

„Дозволете да го изразам моето задоволство што во присуство на Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ имаме можност да најавиме еден значаен проект за граѓаните на двете земји, но верувам и за граѓаните на целиот овој регион. Тоа е концептот на заеднички гранични контроли со едно застанување, или т.н One Stop Shop концепт. Македонија ја има честа да го отвори првиот на нашиот најпрометен граничен премин со Република Србија.“ порача премиерот Заев.

Премиерот Заев изрази благодарност до Светска Банка за поддршката што ја пружа во реализацијата на овој значаен проект за кој рече дека ќе овозможува на едно место, во исто време на заедничка локација преку едно застанување, граѓаните, превозните средства и стоките побрзо да поминуваат на граничниот премин Табановце Прешево. Премиерот Заев соопшти дека овој проект престатвува дел од заедничката економска агенда на земјите од Западен Балкан.

„Навистина ми е драго што Шенген механизмите ги воведуваме овде и ја носиме Европа овде на Балканот. Драго ми е што ова претставува само уште еден пример на големото пријателство помеѓу Македонија и Србија, кое секогаш е докажано. Денеска имаме прилика да го потврдиме тоа големо пријателство за коешто знам дека ќе расте во периодот што доаѓа.“ истакна Премиерот Заев.

Во тој правец Премиерот Заев посочи дека постои волја од страна на двете земји да се отворат и нови гранични премини на кои веќе работат владите и најави дека следува потпишување на билатерални договори на заедничката владина седница помеѓу институциите на двете земји за да се започне со употреба на овој систем.

Во одговор на новинарско прашање премиерот Заев рече дека институциите на двете земји ќе негуваат целосна меѓусебна доверба во реализација на овој проект.

„Податоците од Светска Банка кажуваат дека на Балканскиот Полуостров се губи една милијарда долари годишно заради чекање на граничните премини. Транаспортните средства а посебно камионите, 80 проценти од своето време го поминуваат во чекање на границите, а само 20 проценти на автопатите. Сите овие податоци ни укажуваа дека треба брзо да делуваме и да им помогнеме да стопанствениците и трговската размена бидејќи тоа е нашата функција да бидеме од корист на граѓаните и стопанството.“ додаде премиерот Заев.

За актуелните преговори на релација Приштина Белград премиерот Заев рече дека на заеднички ручек ќе се информира од Претседателот Вучиќ за одредени текови и она што е преокупација на пријателска Република Србија.

„Македонија поддржува позитивно решение за Косово. Решение коешто ќе ја унапреди благосостојбата и на Србите и на Албанците и на сите други граѓани кои живеат на Косово. Решение коешто ќе ја гарантира и безбедноста, и мирот, и просперитетот и на Србија, и на Косово и на целиот овој наш регион. Значајно е сите лидери овде на регионот да бидат обединети околу заедничките цели, а тоа се траен мир, регионална соработка, економски развој и членство во Европската Унија.“ рече Премиерот Заев во одговор на новинарско прашање.