Ставрески: „Купи куќа купи стан“ ќе ги намали цените на становите каде што дозволуваат реалните услови

Проектот „Купи куќа купи стан“ ќе ги намали цените на становите онаму каде што дозволуваат реалните услови, оцени денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. 

- Извесно корегирање на цените со цел да се постигне цената од 900  евра за метар квадратен  што е услов за учество во овој проект од страна на градежните компании мислам дека  е можно онаму каде што реалните услови  го дозволуваат тоа, значи таму каде што маржата е прашањето кое треба да се реши односно да се намали, рече Ставрески, одговарајќи  на новинарски прашања по деловниот појадок на владиниот тим со Сојузот на стопански комори.

Сепак, укажува, ако станува збор за централно градско подрачје каде што цената  е многу повисока од 900 евра веројатно тоа не може да се  постигне.  Но, истакна, има области и во градот  Скопје и во внатрешноста на Македонија каде што  таа цена  е сосема остварлива, изјави Ставрески, кој очекува голем интерес за учество во проектот од градежните компании, со оглед на намалените потрошувачки  и станбени кредити од банките  поради кризата. Проектот, смета вицепремиерот, доаѓа во вистинско време со цел да обезбедат станбени  кредити и градежните компании да можат да ги продадат постојните станови.

Според Ставрески, завршение се сите подготовки за проектот во чии рамки од од среда граѓаните ќе може да поднесат барања  до осумте  деловни банки кои се вклучени во проектот.

- Министерството за финансии заедно со банките ги изврши сите подготовки за граѓаните што полесно се вклучат во проектот и бидат што повеќе информирани за можностите за повластената каматна стапка  која ја добиваат и за субвенцијата од Владата за половина учество  или половина месечна  рата, рече Ставрески.