Владата потпиша Меморандум за соработка со Франција за поддршка на реформите во јавната администрација

Владата на Република Македонија денеска потпиша тригодишен Меморандум за соработка со Владата на Република Франција за поддршка на реформите во јавната администрација.

Од името на двете влади документот го потпишаа министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и францускиот амбасадор во земјава Жан Клод Шлумберже.

Соработката ќе се спроведува во пет области и тоа поддршка на модернизацијата на јавната администрација, спроведување на стратешкиот акциски план за реформа на администрацијата, подготовка на стратешки документи за реформа, електронска влада и продолжување на соработката со Националната школа за администрација во Франција (ЕНА).

- Соработката што денес ја институционализираме претставува уште една потврда на европскиот пат на Македонија што го избраа граѓаните и Владата на Република Македонија, што се манифестира преку бескомпромисноста во реформите на јавната администрација, како и следење на проверените европски примери, особено примерот на Република Франција, истакна министерот Ивановски по потпишувањето на договорот.

Францускиот амбасадор нагласи дека одлучиле да потпишат амбициозен договор за соработка со македонската Влада со којшто ќе бидат организирани голем број активности за реформа во јавната администрација што ќе ги спроведува Министерството за информатичко општество и администрација.

Во следните неколку месеци ќе бидат утврдени специфични проекти што ќе се спроведуваат во партнерство со француски експерти, државните службеници и претставници од граѓанското општество.

Од отпочнувањето на соработката меѓу Македонија и Франција во 2002 година досега на специјализирана обука во Националната школа за администрација (ЕНА) во Франција беа испратени 155 државни службеници, а семинарите и обуките што во Македонија ги одржаа реномирани француски професори присуствуваа над 200 службеници.