ССК на Владата и достави Стратегија за побрз економски развој

Сојузот на стопански комори (ССК) денеска му врачи на владиниот тим предводен од премиерот Никола Груевски, Стратегија за побрз економски раст на Република Македонија која се базира на развојот на малите и средни претпријатија.

- Стратегијата на ССК предлага нов правец на развој преку модел базиран на иновативност кој креира повисока додадена вредност и е единствен модел кој докажано овозможува брз и одржлив економски раст со високи стапки на пораст на БДП, рече претседателот на ССК Златко Калеников по денешниот деловен појадок со премиерот Груевски и претставници на Владата, кој додаде дека таа е основа за соработката со Владата.  

Стратегијата е сеопфатна. Има три носечки столба - подобрување на деловната клима преку раст на малите и средните претпријатија, реструктуирање на Македонија во стабилен пазар сам за себе кој преку растот на малите и средните претпријатија овозможува пораст и раздвижување на домашната потрошувачка, а преку тоа ја зголемува вработеноста и стандардот на населението, како и окрупнување и кластерско здружување на малите и средните претпријатија за подобрување на конкуреноста, иновативноста, со тоа и на извозниот капацитет. Врз основа на овие носечки столбови предлага 10 мерки за одржлив економски развој.

Договорот на ССК со Владата е таа да ја разгледа стратегијата во наредните 15-20 дена, а ССК да  ја презентира на вториот или третиот економски совет.

Стратегијата на Сојузот на стопански комори ја работел 1,5 година, а, како што рече вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, ќе се разгледа во наредниот период и ќе се прифати се она што е прифатливо.

Пешевски додаде дека продолжува дијалогот со бизнис-секторот, и во наредниот период очекува да дојде до реализација на некои од нивните барања.

- Она што може да го ветиме како Владата е дека продолжува дијалогот. Историјата во последните неколку години покажува дека предлозите што доаѓаат од коморите редовно наоѓаат на разбирање, се разбира сето она што има смисла. Во таа насока ќе биде и ставот на Владата во однос на предложената стратегија, односно сето она што може да се најде во подобрување на регулативата и на други мерки што се посочуваат од комората ќе бидат прифатено, но ќе биде потребно време. За неколку прашања се договоривме да имаме и посебни работни групи, за неколку прашања се закажаа состаноци на самиот доручек така што во наредниот период очекуваме да дојде до операционализација барем на дел од она што е предложено од Сојузот на стопански комори, изјави вицепремиерот Пешевски.

Вицепремиерот Зоран Ставрески, пак, посочи дека Владата останува на досегашната даночна политика чии основни постулати се максимална фискална слобода и максимална економска слобода. - Само со висок степен на економска слобода и исти услови за сите претпријатија може да се очекува напредок во економијата, истакна Ставрески.

Во однос на предлогот на некои пратеници за плаќање на ДДВ по реализирана фактура, вицепремиерот истакна дека тоа прашање е покренувано и од комората и оти остануваат отворени за натамошна анализа, но оти е прашање дали во овие ризични времиња треба да се прават измени на Законот за ДДВ.

- Сите законски решенија се променлвиви во суштина, меѓутоа треба да се види кои се предностите и негативностите на такво решение. Во европските земји има различни искуства. Сепак, со оглед на тоа дека времињата во економски смисол се релативно ризични прашање е и од тој аспект дали сега треба да се прават измени на Законот за данокот на додадена вредност кој е најстабилниот и најсигурен извор на буџетски приходи, истакна министерот за финансии.

На појадокот, како што посочија, станало збор за тековните прашања и проблеми, за достапност на финансии, за казнената политика. Не станало збор за долгот кон стопанството, туку за ликвидноста.

За кредитната линија од Македонската банка за поддршка и развој, Калеников информира дека се  испратени барања од бизнис секторот и оти во тек се одобрувањата и се очекува префрлување на средствата следната недела.

На третиот традиционален годишен деловен појадок што го организира ССК имаше македонско мени со свежа овошна салата, качамак и микс од македонска сланина, домати, краставици и јајца, а за десет македонска печена тиква со мед.