Отворањето на двата објекти за фитосанитарна и ветеринарна инспекција на граничниот премин Блаце гарантираат унапредување на безбедноста на храната

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Самуел Жбогар и директорот на Агенцијата за храна и ветерина, Зоран Атанасов, денеска официјално ги отворија објектите за ветеринарна и фитосанитарна контрола на граничниот премин  Блаце.

Изградбата на овие два објекта е финансирана и спроведена преку ИПА 2 Програма за 2015 година на Европската Унија. Проектот е во вредност околу 790 илјади евра.

На свеченото отворање на објектите, премиерот Зоран Заев изрази благодарност до Европската Унија и до Делегацијата на Европската во земјава и порача дека  реализацијата на проектот е од големо значење, но особено драгоцено е што ова поддршка за граѓаните на нашата земја е уште еден придонес кон најблагородниот исход од акциите на ЕУ - пријателството и поддршката за нашата аспирација, членство во Европската Унија.

 

 

Современите услови за работа и технолошки најмодерната опрема ќе обезбедат навремено и квалитетно спроведување на контролите на пратки кои се увезуваат или транзитираат во Република Македонија преку овој граничен премин, согласно најновите ЕУ стандарди, а  во интерес на здравјето на граѓаните.

„Секое заедничко остварување е значајно, и пријателството кое го сведочиме секој ден е силно охрабрување и поттик дека сме на вистинскиот пат и дека постапуваме на вистинскиот начин. Со датумот за преговори утврден за јуни идната година, Владата на Република Македонија влезе во процес со искреност и одлучност да покаже дека ќе се соочиме со секој предизвик до тогаш и дека ќе испорачаме резултати. Овој процес ги вклучува и натамошните реформски зафати кои и понатаму имаат поддршка преку ИПА програмата, како дел од целокупниот подготвителен процес за идното членство на Република Македонија во Европската Унија“, изјави премиерот Зоран Заев.

Министерот Николовски порача дека изградбата на двата објекта е чекор напред во приближувањето кон Европската Унија, исполнувајќи ги највисоките стандарди во областа на трговијата и безбедноста на храната и здравјето на растенијата.

 

 

„Унапредувањето на националната политика за интегрирано гранично управување ја креираме водејќи сметка за развој на економијата согласно потребите на бизнис заедницата. Континуирано работиме на прилагодување на земјоделскиот сектор кон европските стандарди и на негова модернизација со цел исполнување на највисоките стандарди за безбедност на храната, здравјето на растенијата и исполнувањето на еколошките стандарди како еден од приоритетите на Унијата. Осовременувајќи го производството и трговијата, ја зголемуваме и конкурентноста на стопанството во целина“,  изјави министерот Николовски.

Амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Самуел Жбогар изјави дека пуштањето на употреба на овие гранични инспекциски згради, се приоритет за безбедноста храната за граѓаните.   

Директорот на АХВ, Зоран Атанасов, појасни дека објектите се дизајнирани и изградени согласно највисоките стандарди и одобрени од инспекциската служба на Европската Унија. На граничните ветеринарни и фитосанитарни инспектори им се обезбедени услови за вршење на своите секојдневни задолженија во соодветни услови и во согласност со стандардите на ЕУ.


Обраќање на ПВРМ Зоран Заев на отворање на новите објекти за ветеринарна и фитосанитарна контрола на Граничниот премин Блаце

 

Почитуван амбасадор на ЕУ во нашата земја, господине Жбогар,
Почитуван министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-дин Љупчо Николовски,
Почитуван директор на Агенција за храна и ветеринарство, г-дин Зоран Атанасов,
Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани гости, дами и господа,

Еве нѐ повторно заедно. Повторно заедно со Европската Унија во остварување на уште една одредница која го помага усогласувањето на нашите стандарди со оние на Европската Унија.

Правиме заедно уште еден чекор како неопходност за подигање на капацитетите на сите наши институции и за усовршување на протоколите за квалитетни услуги за граѓаните на рамниште на оние на унијата.

Денеска, на овој граничен премин Блаце кон Република Косово, го најавуваме отворањето на новите објекти за  ветеринарна и фитосанитарна контрола, со кои ќе управуваат инспекциската контрола на Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за земјоделство - Фитосанитарна инспекција. 

Современите услови за работа и технолошки најмодерната опрема ќе обезбедат навремено и квалитетно спроведување на контролите на пратки кои се увезуваат или транзитираат во Република Македонија преку овој граничен премин, согласно најновите ЕУ стандарди, а  во интерес на здравјето на граѓаните.

Изградбата и опремувањето на овие објекти, во вкупна вредност од околу 790 илјади евра го обезбеди Европската унија претставена од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

За непосредните придобивки за граѓаните на нашата земја, и за бизнисот од оваа сфера, веќе ви зборуваа Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и директорот на Агенција за храна и ветеринарство.

Од моја страна, јас сакам да ја искористам оваа прилика и поканата да присуствувам на овој настан, да му се заблагодарам на амбасадорот Жбогар, на целиот тим на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, за нивната посветеност во градењето на силните врски и пријателство меѓу Република Македонија и Европската Унија.

Реализацијата на проектот што го чествуваме денеска е од големо значење, но особено драгоцено е што ова поддршка за граѓаните на нашата земја е уште еден придонес кон најблагородниот исход од акциите на ЕУ – пријателството и поддршката за нашата аспирација, членство во Европската Унија.

Секое заедничко остварување е значајно, и пријателството кое го сведочиме секој ден е силно охрабрување и поттик дека сме на вистинскиот пат и дека постапуваме на вистинскиот начин.

Со датумот за преговори утврден за јуни идната година, Владата на Република Македонија влезе во процес со искреност и одлучност да покаже дека ќе се соочиме со секој предизвик до тогаш и дека ќе испорачаме резултати. 

Овој процес ги вклучува и натамошните реформски зафати кои и понатаму имаат поддршка преку ИПА програмата, како дел од целокупниот подготвителен процес за идното членство на Република Македонија во Европската Унија. 

Секој заеднички чекор на тој пат е добар пример за тоа како ЕУ и земјата-кандидат можат заедно да работат на реформите, како може да се инјектира нов ентузијазам и динамизам во процесот.

Европската Унија ги препозна позитивните трендови во спроведувањето на реформите, во нашата земја, а Договорот од Преспа ни го донесе датумот за преговори за членство.

Наша одговорност останува да ги удвоиме, па дури и триплираме, нашите напори кон оваа цел: Колку побргу ги спроведеме реформите дома и колку побргу стигнеме поблиску до стандардите на ЕУ, толку побргу ќе бидеме подготвени да го преминеме прагот на отворените порти на најмоќниот економски сојуз и да станеме негова рамноправна членка.

Благодарам.