Отворен новиот Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ


Премиерот Никола Груевски денеска го отвори Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), нова високообразовна и научна институција во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).

Образованието беше и натаму останува приоритет на оваа Влада, рече Груевски, напоменувајќи дека пред три години ФИНКИ беше само идеја, а сега е реалност.

- Почетокот на студиите е голем предизвик на кој, убеден сум, ќе му пријдете без двоумење и ќе покажете решителност за успешно заокружување на оваа фаза од вашиот живот. Процесот на стекнување знаења не е ниту едноставен, ниту лесен. Од вас се бара исклучителен напор, трпеливост, упорност, посветеност и пожртвуваност. Но успешно завршената задача ќе ви понуди огромно задоволство кое произлегува од сознанието дека сте стекнале одредени вештини и знаења, истакна Груевски во обраќањето на првиот свечен час.

Според премиерот, ФИНКИ, целосно подготвен и кадровски екипиран, со најсовремена наставна програма, годинава е хит меѓу матурантите. На него се запишаа повеќе од 650 млади луѓе.

- Огромно е задоволството да се биде меѓу млади кои годинава веројатно го направиле најсериозниот избор во својот живот, изборот што го трасира патот на нивната идна професија, нагласи Груевски.

ФИНКИ е иницијатива на Владата и УКИМ, а произлезе од обединувањето на двата института, за информатика при Природно-математичкиот факултет и за компјутерска техника и информатика при Факултетот за електротехника и информациски технологии.

- Нашата заедничка цел е да им помогнеме на младите луѓе во откривањето на нивните таленти и развивање на потенцијалите што ги поседуваат. Имаме задача и обврска да им дадеме можност за стекнување вештини и знаење со кои ќе се реализираат како индивидуи и професионалци. Но, исто така, наша обврска е и да направиме се што е во наша моќ за подобрување на условите за студирање и достапност на образованието до сите што сакаат да учат и да се надградуваат, подвлече премиерот.

Владата, додаде, за само неколку години отвори два нови државни универзитети и голем број дисперзирани студии, ја намали партиципацијата за студирање, набавува лаборатории за сите факултети и институти, преведува 1.000 стручни и научни книги, компјутери за сите ученици, бесплатни учебници, гради 180 спортски сали. Целта е секој студент и ученик во Македонија да има модерни и поволни услови за стекнување знаење.

- Тимот на ФИНКИ има визија за еден поинаков факултет, факултет што ќе гарантира квалитетно високо образование. Информатиката е многу динамична област. Од услужна дејност во минатото, денеска е главен двигател на развојот во многу гранки. Оттука, нашата идеја е да едуцираме кадри кои без проблем ќе најдат работа или ќе бидат храбри да почнат бизнис, креативни студенти што ќе бидат истрајни и подготвени напорно да работат, потенцира деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство Димитар Трајанов.

Една од главните задачи на ФИНКИ е успешно да одговори на предизвикот на информатичката технологија која постојано се развива и моментно е една од најперспективните професии, да биде предводник на индустрискиот развој во Република Македонија. Посебно внимание Факултетот ќе посвети на курсевите за претприемништво, менаџмент и бизнис маркетинг.

ФИНКИ веќе има воспоставено соработка со ИТ компаниите во Македонија која, како што рече Трајанов, ќе се реализира преку нивно директно вклучување во образовниот процес и преку влијанието врз наставните програми.

- Само знаењето може да гарантира сигурност во работењето. Количината на нови технологии во техничкиот развој се удвојува секои две години. Тоа значи дека половина од она што ќе го изучувате во прва година ќе биде веќе застарено при крајот на третата академска година, им порача на студентите министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Според него, предизвикот на академскиот сектор е, со постоечката технологија, да ги подготви студентите за работни места кои се уште не постојат.

- Градењето квалитетен и соодветно квалификуван кадар од областа на информатичките науки и компјутерското инжинерство е неопходен предуслов за прогресивно движење на македонската индустрија и општеството кон новото време. Целта е јасна, создавање конкурентен ИТ кадар во земјата кој ќе се носи со динамиката и прогресивноста на технологиите, како и со барањата и очекувањата на пазарот, истакна Ивановски.

Осврнувајќи се на неколку примери за се побрзо растечкиот индустриски свет во кој информатичко општество треба да биде базирано на знаење и иновации, министерот рече дека Македонија моментно има 894.000 фејсбук корисници. - Кога фејсбук би бил национален спорт, нашата репрезентација би била рангирана на 31-вото место, подобро од која било друга во Македонија, освен од кошаркарската во Литванија, нагласи Ивановски.

ФИНКИ додели 25 стипендии за бесплатно студирање на најдобрите матуранти од земјава кои освоиле прва, втора и трета награда на републичките натпревари по информатика, физика и математика, додека УКИМ обезбеди стипендии за 10-те најдобри бруцоши. Пред Факултетот останува предизвикот да направи сопствена зграда не само со предавални, туку и со технолошки парк и бизнис инкубатори.

Категорија: