Премиерот Заев и владина делегација со сенатори на САД во Брисел: Уверени сме дека Сенатот на САД ќе даде широка поддршка за ратификација на нашето членство во НАТО

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, со владината делегација во состав Заменик претседател на Владата и Министерка за одбрана Радмила Шекеринска, Заменик претседателот на Владата на РМ задолжен за европски прашања Бујар Османи, Стево Пендаровски, националниот координатор на Република Македонија за НАТО и Зоран Верушевски, Советник за безбедносни прашања во Кабинетот на премиерот, на маргините на Самитот на шефови на држави и на влади на НАТО во Брисел, имаа средба со сенаторите од Соединетите Американски Држави Том Тилс, од Републиканската партија, и Џин Шајен, од Демокрастката партија.
 
Премиерот Заев на средбата, во негово име, во име на Владата на Република Македонија, и во име на народот на Република Македонија го истакна задоволството од поканата нашата земја да го отпочне пристапниот процес за полноправно членство во НАТО, и се заблагодари за исклучителната поддршка за овие аспирации на земјата што сите овие години наназад доаѓа од САД.
 
Претседателот на Владата на РМ Заев информираше на средбата за сите реформи и прилагодување што во изминатите години Република Македонија ги правеше и ги прави на планот на прилагодувањето на нашите одбранбени политики и на АРМ соодветно на НАТО стандардите, како и за мисиите што припадниците на нашата армија ги реализираат, рамо до рамо, со американските, како и со војниците од другите земји сојузници од алијансата.
 
Премиерот Заев нагласи дека поканата за полноправно членство за нашата земја е и силен поттик за сигурност, стабилност и развој, како за нашата земја, така и за регионот.
 
Сенаторите Том Тилс и Џин Шајен на средбата испорачаа честитки за поканата Република Македонија да ја отпочне завршната фаза за членство во НАТО, и ја изразија нивната, благодарноста на Сенатот на САД за сојузот и за поддршката на нашата земја во мисиите на НАТО, и информираа за постапката за ратификација на нашето членство во НАТО во САД, за што изразија уверување дека во Сенатот на САД ќе добие широка поддршка.