НВО Отворени денови на Влада на РМ за граѓански организации „Борба против корупција“: Време е за ефикасна борба против корупција, одговорноста е кај лицата кои можат да влијаат на антикорупциските процеси во институциите

Денеска, во Владата на Република Македонија се одржа вториот отворен ден за иницијативи на граѓански организации, организиран од Владата а поддржан од Националниот демократски институт.

Циклусот на отворени денови кои што Владата ги организира се со цел да послужат како алатка за поднесување иницијативи на граѓанските организации во насока на воспоставување на структурен механизам за зајакнување на соработката помеѓу граѓанските организации, Владата и министерствата.

Претставниците од Владата, Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик министерот за правда Оливер Ристовски, министерот за здравство, Венко Филипче, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, министерот за култура, Асаф Адеми и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Робер Поповски имаа излагања пред присутните на темата на оваа втора средба, борба против корупцијата. 

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски во своето воведно обраќање рече дека степенот на партиципација на граѓанските организации во јавните работи е всушност показател за зрелоста на институциите на системот, како и подготвеноста за заедничко постапување во насока на унапредување на општествениот амбиент.  

„Борбата против корупцијата не може да биде препуштена на само еден ресор или институција, туку неопходен е темелен и сеопфатен институционален и граѓански ангажман, во којшто мора и треба отворено да се дебатира и да се исползува секоја квалитетна идеа и предлог“, рече министерот Спасовски. 

Заменик министерот за правда Оливер Ристовски, информираше дека во изработката на моделот за Државната комисија за спречување на корупција, најголемо учество во генерирање на предлозите веќе имаат експерти и граѓански организации.

Министерот за здравство, Венко Филипче, говорејќи за активностите што ова министерство ги презема во борбата против корупцијата потенцираше дека здравството е посебно ранливо поради деструктивноста на корупцијата.

„Искуствата од европските земји велат дека борбата против корупцијата може да се оствари само ако претставници од Владата, бизнис секторот и граѓанските организации работат заедно за да се развијат стандарди и процедури кои сите ќе ги поддржуваат“, рече во своето обраќање министерот Филипче, и додаде дека министерството ги отворило вратите на граѓанските организации за целосен увид во тендерските постапки, како дел од заложбите за борба против корупцијата. 

Министерот за образование и наука Арбер Адеми, рече дека ваквата соработка е одлична можност за борбата против горливата тема – корупција, во нашето општество. 

„Ние како институции во таа борба не смееме да бидеме сами. Потребна е поддршката од вас – граѓанскиот сектор, кој ќе дава предлози и идеи и заедно да ги постигнуваме очекуваните ефекти“, рече тој додавајќи дека заложбите на министерството мора да бидат надополнети со повеќе активности за што очекува поддршка и вклученост на невладиниот сектор.  

Асаф Адеми, министерот за култура се осврна на суштината во борбата против корупцијата велејќи дека борбата за државата е борба за законите. Во услови на голема корумпираност, рече тој, граѓаните ја губат довербата во државата, а со тоа, според него таа ја губи моќта за спроведување на правото.

„На коруптивните елементи не им е потребна држава. Државата за нив е само ресурс за извлекување на лична корист“, рече министерот Адеми.

Министерот Роберт Поповски и координатор на активностите на Отворена Влада, во своето обраќање истакна дека само со заедничко сериозно вложување може да се постигнат резултати во борбата против корупцијата. 
    
„Посебно загрижувачки е фактот дека голем број на граѓани биле изложени на корупција, и сметаат дека тоа и не е толку страшно. Ако нашите граѓани се навикнуваат на коруптивни активности или стануваат соучесници, тоа е нај загрижувачката работа и против тоа мораме заеднички да се организираме“, подвлече министерот Поповски. 

По објавениот повик, до Владата од граѓанските организации пристигнаа 12 иницијативи за имплементирање мерки за борба против корупцијата. Некои од организациите-предлагачи беа денеска присутни на овој настан, и пред министрите ги изнесоа своите предлози и ја образложија потребноста од нивно имплементирање.

Предлозите на граѓанските организации се однесуваа на спроведување мерки и механизми за контрола на софтверите преку кои се реализираат јавните набавки, предлози за нов закон за конфискација на имот стекнат од коруптивни кривични дела, имплементација на иницијативата за јакнење на интегритетот, и како и други предлози кои ќе бидат објавени на веб страната на одделението за соработка со граѓански организации каде ќе може да се следи нивниот развој. 

Министерот Поповски ја нагласи потребата во овој процес на транспарентност да бидат вклучени локалните власти, Собранието и Претседателот на државата, а министерот Спасовски рече дека вистинската слика за борба против корупцијата е кога ќе видиме процеси против обвинители, судии, началници односно лица кои внатре институциите можат да влијаат врз антикоруптивните процеси. Тој во завршниот збор исто така додаде дека државата мора да има силна контрола врз превенирањето на корупцијата, и дополни дека мора да се јакне граѓанскиот сектор за да биде коректив во одржувањето на таа контрола, но и да работи на образованието кое е клучно за прекинување на коруптивниот круг. 

Присутните министри едногласно искажаа спремност да постапат по сите иницијативи кои се во домен на ресорните министерства, во насока на подобрување на активностите во својата работа.