Премиерот Заев на средба со делегација на британското Министерство за надворешни работи: Поддршката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска е дополнителна мотивација за остварување на евроатлантските интеграции на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија денеска прими делегација на Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во која беа Ричард Мур, генерален директор за политички прашања и раководителката на Одделот за Албанија, Косово и Македонија во Секторот за Западен Балкан Кетрин Барнс.

На средбата, премиерот Заев се заблагодари за континуираната  поддршка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска позитивно оценувајќи ги билатералните односи и политичкиот дијалог кој на највисоко ниво се води меѓу двете земји.

Премиерот Заев особено ја истакна огромната поддршка која Обединетото Кралство и ја дава на Македонија за остварување на евроатлантските интеграции, што претставува дополнителна мотивација за забрзување на реформите за економскиот просперитет на сите граѓани.

Претставниците на британската Влада го поздравија Договорот помеѓу Македонија и Грција за прашањето за името и стратегиска соработка кој беше потпишан на 17 јуни 2018 година, изразувајќи уверување дека подобрувањето на односите со Грција и со останатите соседи додава енергија за остварување на перспективите на Македонија во Европската унија и НАТО.

Претставниците на британското Министерство за надворешни работи со премиерот Заев разговараа и за детали од претстојниот Самит посветен на Западен Балкан, во рамки на Берлинскиот процес, кој ќе се одржи на 9 и 10 јули во Лондон, а на кој една од главните теми ќе биде помош при дигиталната трансформација.

Во таа насока, беше констатирано дека Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска останува посветена на економската стабилност, развојот на инфраструктурата и трговијата со цел унапредување на поврзаноста на земјите во регионот на Западен Балкан.