Премиерот Заев на конференцијата „Македонски перспективи: Како до Европа?“: Испораката на резултати продолжува за нашите граѓани, за да ги живеат европските вредности и стандарди

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска учествуваше на конференцијата „Македонски перспективи: Како до Европа?“, во организацијата на ЦИВИЛ – Центар за слобода и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Во своето обраќање на конференцијата на која учествуваа и други владини претставници, амбасадори и претставници на амбасади на земји членки на ЕУ, како и претставници на граѓанското општество и академската заедница, премиерот Заев истакна дека оваа конференција е добар повод, после датумот за преговори со Европската Унија, да се потсетиме зошто ги избравме членството во ЕУ и НАТО како стратешки цели на нашата земја.

„Избравме да промовираме мир, сигурност и стабилност за нашите граѓани, како што избраа сите Европјани на Унијата. Избравме слобода и правда за сите наши граѓани, без исклучок. Тоа е - европска вредност.

Како и сите Европјани, и граѓаните на Република Македонија, избраа одржлив развој и економски раст, во една заедничка, пазарна економија на Европската Унија, која обезбедува работни места, социјален прогрес и здрава, и заштитена животна средина.

Избравме наша стратешка цел да биде борбата против дискриминацијата и социјалната инклузија на сите граѓани. Никој да не биде запоставен. Избравме да почитуваме вредности и да бидеме интегрален, дел од европскиот вредносен систем:

Достоинството на секој човек е ултимативно и непорекливо. Европски е да го почитуваме, да го заштитуваме и да биде во суштината, во темелите, на сите човекови права“, истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека изборот на ЕУ е избор за граѓаните слободно да го изберат местото каде ќе живеат и каде ќе работат, и дека избираме заедница на народи која максимално ги штити и почитува приватноста, и индивидуалните слободи за избор на верска припадност, на слобода на изразување, гарантирани со Европската повелба за заштита на основните човекови права.

„Избравме демократија, еднаквост, владеење на правото. Избравме вредности што цели 11 години не беа дел од нашето општество и заради тоа не оддалечија од нашата стратешка цел – Европската Унија. НО, затоа денеска, кога треба да одговориме на прашањето „Македонски перспективи: Како до Европа?“, можеме да кажеме: Знаеме како!“, потенцираше Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев.

Премиерот Заев истакна дека одговорите на прашањето „Како до Европа?“ се собрани во пакетот испораки што го направи Република Македонија за само една година со која ја увери ЕУ дека го заслуживме датумот за старт на последната фаза од преговорите, отворањето на преговарачките поглавја.

„Европскиот Совет го констатираше тоа. Испорачавме аргументи за надмината политичка криза и за значаен прогрес во имплементацијата на итните реформски приоритети. Дополнително Советот констатираше дека новата влада, од мај 2017 година, во тежок политички контекст, го подобри политичкиот дијалог, ја зајакна демократијата и владеењето на правото, покажала искрена желба за инклузивни и транспарентни реформи и ги подобрила односите со соседите, како и исполнувањето на основното европско право на секој граѓанин за слободни и демократски избори. Вратена е довербата на граѓаните. Европската Унија ќе останеше сè уште далечна дестинација ако нашите партнери и пријатели не препознаа напредок во независноста на судството, работата на судовите и на СЈО“, рече премиерот Заев.

Тој информираше дека имаме и препораки и очекувања од Европскиот Совет да направиме подобрувања во судството, да има правна одговорност за злоупотребите кои произлегуваат од прислушуваните материјали од 2015, и да следува одговорност за нападот врз Парламентот од 27 април 2017.

Премиерот Заев укажа и на признанијата на нашите пријатели од Европскиот Совет за договорот со Бугарија, и особено за договорот со Грција, кој што го затвори долготрајното билатерално прашање, за кој целиот демократски свет прифати и оддаде признание дека начинот на кој беше постигнат договорот е целосно во согласност со најдобрите европски традиции за решавање дури и на најсложени прашања.

Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев рече дека со влегувањето на нашата земја во последната фаза од процесот за членство во Европската Унија, продолжува и испораката на конкретни резултати во реформите, и тоа во итните реформски приоритети во правосудството, во реформите на администрацијата, во борбата против корупцијата, како и целосна имплементација на договорот со Грција.

„Одговорот на прашањето „Како до Европа?“, има и едно друго, многу важно дополнување: Испораката на резултати не завршува со членството во Европската Унија. Со членството во Европската Унија ќе отпочне ново, континуирано испорачување на услови и на резултати што на нашите граѓани ќе им овозможи конечно да ги живеат европските вредности, во општество кое е на прагот да ги обезбеди тие стандарди. Сега се тоа нашите реални, остварливи, перспективи. Оваа генерација политичари и граѓани, имаат одговори за нив“, посочи во своето обраќање на конференцијата „Македонски перспективи: Како до Европа?“, премиерот Заев.

На оваа конференција свое излагање имаше и д-р Дане Талески, Советник за надворешна политика на премиерот Заев, кој во својот говор ја потенцираше разликата на политичката ситуација во која беше Република Македонија пред една година, и на перспективите што се отворија пред неа со спроведувањето на реформите, со успешните проекти и договори во соседската политика, како и со реализацијата на најважните прашања поврзани со членството на земјата во ЕУ и НАТО.

„Консензуално утврдените стратешки определби и цели на Република Македонија и НАТО сега имаат станаа сосема блиски и реални. На 17 јули, во нашата земја ќе допатува еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ Јоханес Хан за да го означи почетокот на скринингот кој треба да го подготви теренот за затворање на преговарачките поглавја за 12 месеци. Идната недела ќе ја добиеме поканата за отворање на процесот за членство во НАТО, а потоа следува и потпишување на протоколот пристапување во членство во алијансата со што нашата земја ќе биде вклучена во работните состаноци на НАТО. Сето ова говори дека сме на вистинскиот пат и дека до неговиот крај треба да си ги завршиме сите обврски што ни претстојат“, истакна Талески.

Конференцијата „Македонски перспективи: Како до Европа?“, продолжи со излагања на амбасадорите и на претставниците на амбасадите на земјите членки на ЕУ кои ги презентираа искуствата на нивните земји во пристапниот процес за членство во ЕУ.