Премиерот Заев и министерот Спасовски означија почеток на изградба на ИКТ центар за чување и заштита на податоци и за опоравување од катастрофи во Прилеп

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на настан во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“ во организација на канцеларијата на Европската Унија во Република Македонија и Владата на Република Македонија посветен на отпочнувањето со изградба на голем капитален објект ИКТ Центар за складирање и заштита на податоците, за опоравување од катастрофи и обезбедување континуитет во работата. Капиталниот објект се гради на подрачјето во Општина Прилеп, а ќе биде даден на користење и управување на Министерството за внатрешни работи.

Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека чувањето и заштитата на податоците од државен и национален интерес како и нивното складирање на безбедно место е исклучително важно за државата и граѓаните.

 

 

„Ми претставува особено задоволство денеска заедно со нашите пријатели од Европската Унија да го означиме стартот на изградбата на Информатичко-компјутерско-технолошки центар за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата. Моето задоволство е уште поголемо имајќи предвид дека овој Центар е прв од ваков вид во регионот,“ додаде премиерот Заев.

Премиерот Заев објасни дека Центарот ќе биде back-up (резервна база) за клучните, витални информациски системи во земјава и ќе гарантира дека тие ќе функционираат доколку од какви било причини е загрозена работата на примарниот информатички систем и исто така ќе ги зачува податоците во случај на природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор. За планираната финансиска рамка на инвестицијата премиерот Заев рече дека изградбата на ИКТ центарот ќе биде финансирана со 3.25 милиони евра од претпристапната помош на ИПА фондовите и со 150.000 евра од Министерството за внатрешни работи како краен корисник на овој капитален објект.

„Со ова покажуваме и докажуваме дека Република Македонија ги следи светските трендови во ИКТ технологијата. На граѓаните мора да им ја гарантираме безбедноста на нивните податоци. Се грижиме и обезбедуваме функционални институции кои се сервис на граѓаните во секое време, услужни, квалитетни и достапни за секого. Исто така сакам да истакнам дека овој проект, уште еднаш ја покажува волјата и желбата на нашите пријатели од Европа да ни помагаат. Со ваквата помош, преку посветеноста на институциите и низ соработката со граѓаните - заедно градиме држава по европски правила,“ порача премиерот Заев во своето обраќање пред присутните гости и граѓани.

Амбасадорот на Европската Унија, Семуел Жбогар зборуваше за улогата којашто ќе ја има ИКТ центарот, кој истовремено ќе овозможи заштита и чување на податоците од нивно компромитирање и најави дека вкупната инвестиција ќе изнесува околу 10 милиони евра.

Заменик претседателот на Владата и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски најави дека до крајот на годината се очекува да финишира изградбата на овој значаен капитален проект во чијашто работа покрај Министерство за внатрешни работи ќе учествуваат и другите министерства и државни институции. 

 

 

„Градбата на ИКТ Центарот ќе биде според најсовремен терк со што ќе бидат испочитувани и сите меѓународни стандарди кои се однесуваат на изградбата и опремувањето на објект од ваков вид. Во овој дел сакам да напоменам дека во рамките на ИПА програмата за 2014 година во министерството за внатрешни работи предвидено е да се спроведат уште два проекта како дел од фазата 2. Првиот од нив е набавка на опрема за потребите на ИКТ Центарот за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата, додека вториот проект има за општа цел да ги воспостави процедурите за функционирање на центарот и секако да обезбеди обука за вработените," порача министерот Спасовски во своето обраќање.