Премиерот Заев во Прилеп: ИКТ центарот и пречистителната станица се проекти кои со децении и векови ќе им служат на граѓаните и затоа нашето место е во Европа

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска заедно со заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули и заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу присуствуваше на два настани во Прилеп, посветени на изградба и пуштање на употреба на два големи крупни капитални проекти, изградба ИКТ Центар за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет во работата и пуштање во употреба на Пречистителна станица за третман на отпадни води во Прилеп, проекти  финансирани со средства од ИПА и Буџетот на Република Македонија.  По тој повод премиерот Заев даде изјава за медиуми во којашто истакна:
 
Денеска сме во Прилеп, каде на задоволство на граѓаните започнaвме со градба и со употреба на два витални објекти од витално национално и локално значење.   Изразувам благодарност до Европската Унија, како и до амбасадорот Семјуел Жбогар за нивната несебична помош и поддршка, кога е во прашање инфраструктурниот развој на Република Македонија. Благодарност до граѓаните на Европската Унија коишто преку плаќањето даноци допринесуваат за изградба на инфраструктурата во Република Македонија. 
 
Денеска промовиравме два проекти, почеток на изградбата на ИКТ центар за опоравување од катастрофи и обезбедување континуитет во работата и почеток со работа на пречистителната станица за третман на отпадни води во Прилеп. 
 
Најголем дел од средствата за изградба на овие два инфраструктурни проекти се обезбедени од ИПА фондови како и дел од буџетските средства на Министерството за внатрешни работи и Општина Прилеп.  
 
Центарот ќе претставува back up (резервна база) за клучните, витални информациски системи во земјава, односно ќе гарантира дека тие ќе функционираат доколку од какви било причини биде загрозена работата на примарниот информатички систем. 
 
Од денеска Прилеп може да се пофали со уште еден значаен инфраструктурен објект, еден од најголемите од овој тип.
 
Пречистителната станица во Прилеп ќе ти третира и прочистува отпадните и канализационите води, со можност од нив да се произведува биогас, а пречистената вода ќе се враќа во градската река. На овој начин ја заштитуваме и ја унапредуваме животната средина и здравјето на нашите граѓани. Граѓаните на Прилеп ќе можат да конзумираат чиста храна, наводнувана со чиста вода.
 
До сега во функција се пуштени пречистителни станици во Струмица и во Кичево, а следува и во Радовиш. А следува изградба на вакви станици во Битола и Тетово, повторно во заедничка соработка со ЕУ. Се планира и изградба на пречистителни станици и во Штип и во Велес, Кочани и многу други градови.
 
Остануваме посветени на реализација и изградба на капитални проекти.
 
Се грижиме и обезбедуваме функционални институции кои се сервис на граѓаните во секое време, услужни, квалитетни и достапни за секого. 
 
Само со заеднички ангажман, со посветеност на институциите и преку соработка со граѓаните, но секако со помош и поддршка од Европската Унија, можеме да ги достигнеме европските стандарди и побрзо да ја изградиме Македонија во држава според европски правила. Македонија ја носиме во ЕУ, Европа ја носиме во Македонија. 
 
Меѓу другото покрај борбата за европски вредности, покрај донесувањето на европските манири, Европа силно партиципира во унапредувањето на севкупниот квалитет на живот на граѓаните. Е затоа Македонија е за Европа! Затоа Македонија ќе каже ДА на претстојниот референдум и затоа ќе одиме напред затоа што нашите граѓани повеќе од 75% се за Европската Унија  и НАТО. Јас сум навистина благодарен што имам чест да присуствувам на вакви големи зданија. Ова се вековни проекти кои остануваат со децении и векови да им служат на граѓаните и затоа нашето место е во Европа. Ние сме на европскиот континент и ќе бидеме дел од Европската Унија.