Премиерот Заев категорично демантира клевети и навреди изнесени во текстови на порталот „Република“

Премиерот Зоран Заев, денеска упати барање за демант и за извинување, како и за повлекување на два текста објавени на порталот „Република“ (www.republika.mk). Станува збор за текстот „Заев, Шекеринска и Димитров – модерни домашни aндарти“, објавен во рубриката „Македонија“, без да биде наведен автор, објавен на 15.06.2018 и за текстот со наслов „Денес црни скотови ни ја силуваат нашата мајчичка Република Македонија“ од авторот Алдо Климан, објавен во рубриката „Колумни“, на 17.06.2018.

Во барањето за демант, извинување и за повлекување на двата текста, премиерот Заев се повикува на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, објавен во Службен весник на РМ, бр. 143 од 14.11.2012 година, врз основа на Член 6 од истиот Закон кој утврдува одговорноста за клевета.

Во писмото до одговорните лица во порталот „Република“, се наведува дека и двата текста се исполнети со клевети, лаги и навреди и шират невистини за лицата споменати во текстот, без ниту еден факт или аргумент кој може да ги потврди наведените тврдења и да ги доведе споменатите функционери во корелација со наведените личности или настани од историјата.

„Така како што се напишани, изнесените тврдења имаат единствено за цел да го нарушат мојот и угледот и достоинството на функционерите на Владата на Република Македонија споменати во текстот“, се вели во барањата за демант на премиерот Заев.

Овие текстови, исполнети со невистини, клеветнички и навредливи квалификации и со неосновани споредби, создаваат лажна слика и наведуваат на апсолутно неточни заклучоци и на создавање на јавно мислење кое нанесува тешки последици на угледот на лицата спомнати во содржината. Очигледна е намерата да се поттикне негативна реакција на јавноста, врз основа на лаги и клевети, се истакнува во барањето за демант, извинување и повлекување на текстовите, на премиерот Зоран Заев. Во барањето се соопштува дека, доколку демантот не биде објавен во предвидениот рок, ќе следува Постапка за утврдување на одговорност и надоместување на штетата, согласно Член 19, Став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, пред надлежниот суд утврден со законот.