Премиерот Заев за проектот „Образование за вработување во Македонија“ на Швајцарската Амбасада: Образование и обука за младите луѓе за да бидат успешни на пазарот на трудот

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев вчера во М6-Едукативниот Центар во Скопје присуствуваше и имаше свое обраќање на одбележувањето на почетокот на проектот „Образование за вработување во Македонија (Е4Е@mk)“.

Проектот, кој има за цел да стимулира вработување во Македонија преку подобрување на стручните вештини е поддржан од Швајцарската Конфедерација и имплементиран од страна на „Хелветас Македонија“, Македонскиот центар за граѓанско образование и Стопанската комора на Македонија.

„Дозволете ми да изразам огромна благодарност на нашите големи пријатели од Амбасадата на Швајцарија за визионерството и добрата волја што ја покажуваат преку реализација на овој значаен проект. Станува збор за одвоени средства во износ од 12.5 милиони евра, со кои ќе се спроведува проектот во 10 годишен период со што ќе овозможи младите луѓе од Република Македонија полесно да се прилагодат на барањата на пазарот на трудот преку квалитетни програми за образование, тренинг и обука“, рече премиерот Заев на настанот на кој присуствуваа и се обратија и амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Република Македонија, Сибил Сутер Техада и министерот за образование и наука на Република Македонија, Арбер Адеми.

Пред присутните гости, претставници на меѓународни организации, образовни институции, компании и невладиниот сектор, премиерот Заев ја истакна важната улога на младите луѓе како градители на иднината и додаде дека политичарите, родителите, професорите, научниците, академиците и деловните луѓе имаат обврска со сите сили да се изборат и да им го отворат патот на успехот и напредокот.

Премиерот Заев посочи дека Амбасадата на Швајцарија покажува визионерство и добра волја преку реализација на овој значаен проекти, додавајќи дека се истакнува и поддршката за реализацијата на владиниот проект „Младинска гаранција“, кој ја има истата цел.

„Република Македонија е единствената земја во регионот, која не е членка на Европската Унија, а започнува со воведување на „Гаранција за млади“, како мерка за зголемување на вработливоста на младите луѓе. Младинската гаранција како пилот-проект веќе се спроведува во три општини, Струмица, Куманово и Гостивар и за овој краток временски период резултатите се одлични. За овој краток временски период 1.120 млади луѓе во овие три општини веќе се корисници на некоја од мерките којашто предвидува вработување, обука или пракса“, истакна премиерот Заев, додавајќи дека Владата на Република Македонија е подготвена, од следната година да ја спроведе „Младинската гаранција“ како мерка за вработување, обука, тренинг и пракса на младите на цела територија на Република Македонија.

Нејзината екселенција, Амбасадорката Техада во своето обраќање подвлече дека проектот „Образование за вработување во Македонија“ е амбициозен проект кој е посветен на остварување на фундаменталните цели на Владата, а тоа е намалување на невработеноста, односно крајната цел е што повеќе мажи и жени во Македонија да добијат работа, соодветна на нивните стручни вештини.

Овој проект, кој вчера накусо беше презентиран пред присутните, за министерот за образование Адеми е конкретен плод на соработката меѓу македонската Влада и институциите во земјата и Швајцарската Влада и нејзиното дипломатско претставништво во Скопје со цел подигнување на степенот на вработливоста, проблем кој Македонија се обидува да го намали од осамостојувањето.

Тој, додаде дека за развојот на стручното образование е важно стручните училишта да соработуваат со работодавачите со цел да се усогласат потребните вештини стекнати преку образованието со потребите на пазарот на трудот.