Министерката Царовска во посета на групниот дом во Неготино: Деинституционализацијата е првиот чекор кон градење похумано општество

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, заедно со постојаната претставничка на ОН во земјава Луиза Винтон, претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс и претставници од Европската делегација денеска го посети новиот групен дом во Неготино. Во него ќе бидат сместени три деца со интелектуална попреченост, досега згрижени во Специјалниот завод Демир Капија.

Процесот на деинституционализација во Специјалниот завод Демир Капија веќе подолго време активно се реализира.  Овој месец, вкупно седум деца ќе бидат преместени во мали групни домови во кои ќе им бидат обезбедени сите услови и услуги за успешен раст и развој. 

„Ова е првиот чекор кон градење похумано општество. Деинституционализацијата е премин од социјална грижа во големи „безлични“ институции кон грижа во заедницата. Со ова овозможуваме развој на социјални услуги по мерка на граѓаните и можност за активно учество на згрижените лица во животот во заедницата“, изјави Царовска.