Седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор: Сакаме да ги слушнеме туѓите искуства, а особено оние практики кои се покажале како успешни

Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор (2017-2022 година) на Владата на Република Македонија ја одржа својата четврта седница на која се разгледуваа Законот за јавно обвинителство и законот за кривична постапка, а беа ислушани и искуствата на САД и Хрватска, презентирани од јавните обвинители Џон Мекнил и Драган Новосел.

Јавниот обвинител на САД Џон Мекнил, рече дека за судските постапки е битна транспарентноста, но и отпорноста на институциите, односно независноста на правосудните институции. 
Обвинителот Мекнил ја поддржа работата на Специјалното јавно обвинителство и побара тоа да си ја заврши работата. 

Во однос Академијата за судии и јавни обвинители обвинителот Мекнил смета дека новото раководство треба да спроведе одредени реформи. Тој нема дилеми дека има и такви луѓе кои не сакаат да успее работата на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор, но дека Владата на РМ мора да ја убеди опозицијата дека реформите во правосудниот систем се мост кој води до Европската унија и НАТО.

Говорејќи за искуствата на Република Хрватска, Јавниот обвиинтел Драган Новосел, Поглавејто 23 го оцени како „ноќен кошмар“, но во исто време и како најбитно поглавје во преговорите со ЕУ. Обвинителот Новосел, инаку творец на проектот УСКОК, се залага за снимање на судските постапки, но и водење на стенографија. 

И Обвинителот Новосел, како и неговиот америкрански колега, го акцентираше проблемот со недостигот на јавни обвинители. Тој им порача на членовите на Советот за реформи во правосудниот сектор дека ставовите треба да ги градат заеднички, притоа потсетувајќи дека и малите зафати може да имаат своја цел, но само ако се добро насочени. 

Изразувајќи задоволство од слушнатото, Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, потенцираше дека владата сака да ги слушне туѓите искуства, а особено оние практики кои се покажале како успешни. 

На денешната седница членовите на Светот за реформи во правосудниот сектор го разгледуваа и планот за своите идни активности.