Премиерот Заев за Ден на Европа во Штип: Кога им упатуваме честитки на сите Европејци, ја упатуваме и пораката – Сметајте на нас!

Денес, по повод Денот на Европа, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, амбасадорот на Европската Унија, Семуел Жбогар и градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски го отворија ЕУ Паркот на плоштадот „Слобода“ во Штип.

Во своето поздравно обраќање, премиерот Заев ги поздрави граѓаните и со упатување на честитка до пријателите во Брисел и Стразбур, до партнерите во Европската Унија, во Европскиот Совет и Европската Комисија, како и на сите Европејци, ја упати и пораката – Сметајте на нас!

„Овие денови, низ низа активности, се сеќаваме на еден историски настан, темелник на повоената историја на Европа. На 9 мај 1950 година, после двете катастрофални светски војни што ја фрлија Европа на колена и фашизмот кој го згрози човештвото, францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, ги повика некогашните непријатели да ја почнат изградбата на нова Европа.

Чувствувајќи одговорност за важноста – каква иднина ќе им обезбедат на своите граѓани, прифатија дека споделуваат заедничка историја и влегоа во решавање на разликите меѓу себе. Седум години подоцна, шест европски земји ја основаа Европската економска заедница со Договорот од Рим и го отпочнаа процесот европската интеграција.“ рече премиерот Заев.

Во своето обраќање, премиерот Заев истакна „Денеска и граѓаните на Република Македонија се горди на својот избор. Ја избравме иднината. Иднината на Европската Унија - Избор што му припаѓа на секој европски граѓанин. Ние, граѓаните на Република Македонија ја избравме Европа и Европската Унија зашто се изградени на вредностите во кои веруваме и ги практикуваме и ние.

Европа денес не е само географска локација. Европската Унија не се само институциите во Брисел и Стразбур. Европа и Европската Унија се концепт кој е заснован на заедничките основни верувања и убедувања за слободата, за демократијата и човековите права, за пазарна економија, како и за остварување на фер економски можности врз темелите на солидарноста. Обединети и единствени околу овие вредности можеме да се соочиме со предизвиците на нашето време.

Во завршницата на своето обраќање, премиерот Заев порача „Кога велиме дека ЕУ е избор на граѓаните на Република Македонија, велиме и дека тоа е избор за економски посилна Европа. Избор за поправедна и побезбедна Европа која ни припаѓа на нас, на сите нас.“

Амбасадорот на Европската Унија, Семуел Жбогар, во своето обраќање пред присутните граѓани на штипскиот плоштад порача дека овој 9 мај е посебен бидејќи го славиме во знакот пресвртницата која се случи во Македонија, од земја што назадува, во земја што се движи во вистинскиот правец.

Честитајќи им на граѓаните и сите учесници на прославата, амбасадорот Жбогар порача дека и тие се дел од Европа и припаѓаат на европското семејство, па затоа и секој еден може да придонесе за европската иднина, особено најмладите.

Градоначалникот на општина Штип исто така се обрати пред сограѓаните и упати благодарност до Делегацијата на Европската Унија во Македонија за укажаната доверба и безрезервната поддршка која ЕУ ја дава на градот Штип и на целата земја. Бочварски во своето обраќање истакна дека „ Приклучувањето кон големото европско семејство, од мит, се претвора во реалност преточена во чиста препорака за почеток на преговорите за членство. Затоа, да ги вложиме нашите заеднички сили за позитивен епилог на ова поглавје, кое ќе ни обезбеди поцврста демократија, повисока безбедност, поголем потенцијал за напредок, побрз економски раст, повитално здравство, поефикасно образование, пошироки можности за младите и подостоинствен стандард за пензионерите!“

После воведните обраќања на премиерот Заев, амбасадорот на ЕУ, Жбогар и градоначалникот Бочварски ги посетија сите штандови на кои беа претставени културните одлики на земјите членки на ЕУ, а потоа имаа прилика и да ги посетат спортските активности и натпревари низ околните училишни игралишта.