Премиерот Заев: Да му дадеме шанса на преговарачкиот процес за решение од интерес на граѓаните од двете земји

П1: Кога очекувате компромисно решение за името во однос на безбедносната состојба на регионот, да се достави до ОН до јули или до декември оваа година?

Премиерот Заев: Јас верувам дека навистина сме транспарентни, паралелно сме внимателни во овој многу важен процес. Еден повозрасен и поискусен човек ми рече, оптимизмот е и трпение и јас верувам дека со овој оптимизам којшто го имаме веројатно го додржуваме и заради трпението. Не сме далеку од решение, но може да бидеме и навистина далеку од решение. Верувам дека може Македонија заедно со Грција да постигне решение пред одржувањето на Советот на министри, односно Советот на Европа. А веднаш после него е и Европскиот совет. Тоа е крајот на јуни. Би сакал да постигнеме решение дури и до Самитот на Европската Унија за Западен Балкан. Тоа е 17-ти, 18-ти мај, но поважно е да постигнеме решение. Затоа, кога веќе направивме сериозни чекори, а има сериозни чекори направено ве уверувам дека движејќи се кон она што ни е важно, а тоа е да го сочуваме достоинството и идентитетот и на нашата страна и на грчката страна ќе се обидеме да го постигнеме решението коешто секако на Македонија ќе и обезбеди автоматска покана од НАТО и датум за преговори со Европската Унија. Јас верувам дека ние заслужуваме, знам дека ние ги исполнуваме условите, прашањето е политичко, но и политичките прашања треба да ги решаваме. Со овие продемократски, прозападни и проевропски манири со коишто се однесуваме и двете страни во разговорите верувам дека ќе смогнеме сили до самиот крај да изнајдеме решение коешто ќе биде од корист на двете страни.

П2: Г-дине Заев во едно ваше интервју спомнавте дека прашањето за Уставот ќе се отвора паралелно со македонските евроинтеграции односно со влегувањето во Европската Унија. Може да ни подобјасните што мислевте под тоа бидејќи таа ваша изјава предизвика големи реакции пред сѐ во грчките медиуми, а најверојатно и меѓу грчката политичка сцена. Второто прашање, е за концептот на реформи во разузнавачкиот сектор. Има ли идеја како ќе се одвива таа реформа бидејќи знаеме дека има кај нас три разузнавачки служби. Направени ли се првични проценки што треба да се прави со тие три разузнавачки служби и дали ќе има спојување и поврзување во внатрешното уредување, пред сѐ на УБК. Дали ќе се одделува и од МВР, ќе доаѓа под Владата или ќе остане на ова ниво?

Премиерот Заев: За дел од прашањата, за Агенцијата за разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање продолжува внатрешната дебата за конечниот дел од реформите. Едно знаеме, унапредувањето на нивниот квалитет, на нивната транспарентност, на нивната сериозност во поставувањето е дебата којашто ќе доведе до, заедно со граѓанските организации, конечните реформи. Но првиот чекор веќе во делот на УБК којшто се однесуваше за посебни истражни мерки поврзани со криминалот и корупцијата го одделивме во посебен закон и тоа е Оперативно техничката Агенција (ОТА). Израз на големина и на власта и на опозицијата да прифатат решение на управувачкиот механизам преку директорско место коешто ќе биде избрано со двотретинско мнозинство и Бадентер. Тоа гарантира професионалност. Јас сум убеден дека ќе бидеме мудри и оние институции коишто тоа го бираат, а претставени се таму и политичките партии навистина и преку ваквите кадровски решенија да испраќаме порака да граѓаните никогаш повеќе не се плашат некој дали ќе ги прислушкува нивните разговори, дали тајно ќе се следат. Ако сакаме напредување во нашите евроатлантски интеграции ова се пресериозни работи и никогаш во Македонија не смеат да бидат доведени под дискутабилност. Убеден сум како што се движевме со реформите во Оперативно техничката агенција дека и на ист начин ќе се движиме и во другите реформи на безбедносните институции коишто се поврзани со следењето. Знаете дека под УБК остануваат сите оние надлежности коишто се за борба против тероризам, екстремизам, радикализам она што е буквално важно за државата. А сето она што е поврзано со организиран криминал и корупција поминува кај ОТА. Агенцијата за разузнавање е под Претседателот на државата, имаме соработка секако и во тој дел. Јас верувам дека заедно институциите на државата ќе се посветат за соодветно поставување на сите вакви агенции.

Во делот на потпрашањето коешто го поставивте јас само соопштив во моја изјава пред Основниот суд Скопје 1 дека треба да знаат граѓаните дека Уставот се отвора пред непосредно влегување во полноправно членство во ЕУ. Зошто? Оти тогаш го предаваме нашиот суверенитет. Така да, за такви работи можеме да разговараме, треба да знаат граѓаните, но за останатите делови поврзани со Устав, промени или слично јас не би давал никакви коментари. Зошто? За да му дадам шанса на преговарачкиот процес до крај. Верувам се дека колку и да е безбедно, невлијателно врз преговарачкиот процес, да бидеме внимателни, за да постигнеме решение коешто ќе биде од обостран интерес на граѓаните на двете земји и на двете земји.

П3: За ОТА, ме интересира дали се постигна договор да има и заменик директор на таа агенција за да биде поголема довербата кај граѓаните од сите националности. Второто прашање, во врска со името дали владата има план Б доколку не се успее во краток рок да се реши името. Бидејќи гледаме од време на време и во грчката страна и тука поголем и помал оптимизам, па после пак поголем песимизам итн. Дали имаме план Б и како ќе одиме напред ако во случај тоа не се реши за кратко време?

Премиерот Заев: Секако, дека имаме План Б. Гледате дека реформите ги тераме иако знаеме дека и политичкото, отворено прашање да го решиме. Гледате, дека сме посветени на економијата, затоа што Бруто домашниот производ, капиталните инвестиции, привлекувањето на домашните и странските инвестиции сѐ нешто кое што живот значи. Ако, некако и понатаму бидеме блокирани, пред НАТО и пред ЕУ, јас се надевам дека тоа, никогаш повеќе нема да се случи. Но, еве, ако се случи, ние ќе мора Европа да ја донесеме овде, оти друго, поинаку нема како. Зошто? Еве и да не постоеше Европската унија и НАТО, што ќе правевме денеска? Реформи. Ќе го унапредувавме системот, заради тоа што квалитетот на животот на граѓаните мора да го обезбедиме. Ние, ќе продолжиме. Апсолутно, Македонија и досега имала алтернативи и сигурно има алтернативи. Не завршува светот. Но, видовме дека тоа ја чини Македонија, пред сѐ со заминување на наште млади луѓе кои ја напуштаат државата. Фрустрацијата, веројатно беше една од причините за политичката криза. Алтернатива за Македонија нема, освен НАТО и ЕУ и затоа седиме на маса и преговараме. Не е лесно, тешко е. Прашањето болно е, допира до чувствата, но истовремено поболни се чувствата, ако зборувајќи за нешто што треба да го договориме, за сметка на тоа што не боли секој ден што го гледаме, а тоа е изгубени перспективи на нашите граѓани, од сегашните генерации и генерациите што доаѓаат после нас. Јас, во тоа име, секако го негувам овој мој оптимизам, заради тоа што гледам дека и грчката страна сака решение и треба решение, добро е за граѓаните на Грција. И ние сакаме. На крајот, билатерално е добро, без разлика на ЕУ и НАТО. Треба да ги решаваме отворените прашања. Кога веќе направиме вакви големи чекори, јас сум убеден дека можеме да го завршиме тоа и затоа многу малку зборуваме за План Б. Ама, ние, паралелно покрај ова, буквално лента по која се движиме. Македонија, се движи во паралелни ленти, во зависност од тоа што е интерес на граѓаните. Оваа Влада е избрана, да го унапреди квалитетот на животот на граѓаните, тоа го работиме. Седумдесет проценти, осумдесет проценти од времето е тука посветено. На економија, на реформите, на она што значи транспарентност, подобрување, севкупно работење на Владата.

За ОТА... На крајот се постигна национален консензус, конечно да престанеме да гледаме низ призмата на етничкиот аспект. ОТА ќе има само директор, нема да има заменик. И директорот, треба да биде најквалитетниот. Ниту мене, ниту на Владата, верувам, ниту на било кој, не треба да нѐ интересира од каква етничка припадност е. Ние, треба да ги гледаме граѓаните, согласно своите капацитети, така да се ориентираме. Имајќи предвид дека се бира со двотретинско мнозинство, со Бадентер, апсолутно сите сме законски упатени да мислиме најдобро решение, кое што ќе биде во функција на ова оперативно - техничка агенција.