Потпишан Меморандум за разбирање, меѓу Владата на РМ и Женевскиот Центар за Демократска Контрола на Вооружените Сили (ДКАФ): Имплементацијата на реформите во разузнавачкиот сектор е клучна заради враќање на довербата на граѓаните во институциите

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и Томас Гурбер, директорот на Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили (ДКАФ), денеска, потпишаа Меморандум за разбирање за имплементација на Програмата за реформа на Секторот на разузнавачките служби на Република Македонија за периодот 2017-2020 година.

„Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили (ДКАФ) е меѓувладина фондација во чијшто Основачки одбор, Република  Македонија членува од 2000 година. Оваа фондација обезбедува поддршка за државите и меѓународните фактори за истражувања и проекти со цел подобрување на владеењето и реформите на секторот за разузнавање и безбедност,“ рече премиерот Заев.

Истакнувајќи ја исклучителната важност на Меморандумот и стратешкото партнерство што ДКАФ по промените и го понуди на Република Македонија за спроведување на реформата во безбедносниот сектор и разузнавачките служби и на институциите кои имаат мандат да ги надгледуваат и да ги контролираат овие служби, премиерот Заев истакна:

„Оваа соработка е клучна за нас, пред сè заради враќање на довербата на граѓаните во оние институции од безбедносниот сектор, кои во минатото беа означени како симбол на „заробената држава“ која ја наследивме, како главна асоцијација за кршење на човековите слободи и права“, оцени премиерот Заев.

Премиерот Заев, информираше дека потпишувањето на денешниот Меморандум за разбирање со ДКАФ е печат за гаранција на контролните механизми утврдени со новиот законски пакет, кој беше усвоен со консензус со опозицијата, во соработка со стручни лица од Европската унија и кои нема да дозволат самоволно прекршување на граѓанските и човекови права и кои го минимизираат политичкото влијание врз можноста за незаконско и политички мотивирано прислушкување.

Потсетувајќи дека со новиот законски пакет се предвидува формирање Оперативно техничката агенција (ОТА), чиј директор ќе се избира со двотретинско мнозинство и со дополнително Бадинтерово мнозинство, премиерот Заев рече:

„Тоа е нова вредност за реформскиот процес, но и гаранција дека никогаш повеќе нема ниту една политичка гарнитура да си дозволи да ги крши основните човекова права и слободи и да ги прислушкува сопствените граѓани незаконски, без контрола и од политички причини. Тоа го ветивме тоа и го реализираме“.

Истовремено, премиерот Заев, додаде дека Меморандумот обезбедува соработка која ќе помогне за заживување и имплементација на донесените закони во пракса.

Потпишувањето на Меморандумот за разбирање, со ДКАФ, премиерот Заев го оцени како еден од проектите кои преку гаранцијата за сигурноста на граѓаните и заштитата на нивните права ќе им овозможи и на меѓународните партнери да бидат уверени дека Република Македонија сигурно чекори по патот до европска и демократска држава, во која владее правото и во која институциите се грижат подеднакво за безбедноста на државата.  

Во своето обраќање, на прес-конференцијата, директорот Томас Гурбер посочи, дека актуелната Влада која ја предводи премиерот Заев стави приоритет на реформите кој ги опфаќаат националните служби за безбедност и разузнавање, со што како што рече, се трасира патот на еден поефикасен безбедносен сектор со јакнење на внатрешната отчетност на разузнавачките служби и истовремено јакнење на надворешниот Парламентарен надзор и судската контрола.

Директорот Гурбер, упати честитки до Владата на РМ и граѓаните на Република Македонија за добиената чиста безусловна препорака од Европската комисија за почеток на преговорите за членство на државата во ЕУ и истакна дека со денешниот настан и истакнатите заложби, земјата се носи еден чекор поблиску до нејзините аспирации во евроатлантските интеграции.

На настанот, присуствуваа заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и амбасадори и претставници на амбасадите на Соединетите американски држави, Обединетотото кралство, Германија, Холандија, Шведска, Швајцарската конфедерација,  Република Хрватска и претставници на Делегацијата на Европската унија  во Македонија.